Close
Navigation
19. CINEDAYS 2020

19. CINEDAYS 2020

Седумдесеттите години од минатиот век Скопје беше кино-метропола. Со 12 кино сали и 4 летни простори за прикажување филмови, и со 300 илјади жители, Скопје беше град-мултиплекс. Напредок, Бутел, Влае, Маџари, Кисела Вода, Домот на градежните работници (Кочо Рацин) и летното кино, Балкан и Балкан бавча, Младина, Карпош, Кино Парк, подоцна и Вардар 1 и Вардар 2, Култура, Бамби… Ниту едно од овие кина денес не работи. И не е во прашање никаква носталгична меморабилија за некоја младост на нечија генерација, за некое „убаво време“, за „Ееее, порано беше мерак да одиш во кино…“. А се седеше на шперувани столици што крцкаа, се грееше со ќумбиња на ќумур, се колекционираа „програмчиња“, се чекаше понеделник за нови филмови. Филмот беше и остана пред сѐ забава. Но дури сега може да ја согледаме неговата културолошка димензија, која ја имаше во тогашно Скопје. Само бегол поглед наназад ќе ни ја открие блескавата репертоарска понуда, се гледаа филмови што денес се антолошки, култни, историски значајни, вредносно потврдени и естетски супериорни.

Кината на периферијата од градот беа главно ориентирани на „полесна“ програма. Напливот на француската продукција со авантуристичко-криминалистичка или историско-мускетарска содржина со тогашните ѕвезди Белмондо, Ален Делон, Жан Габен, Брижит Бардо, Милен Демонжо… главно се прикажуваа во Влае, Маџари и Кисела Вода. Бутел и Карпош негуваа каубојски, херкулески и тарзански филмови од американска продукција. Добар дел од нив беа во боја. Кино Напредок пак, возеше своја репертоарска агенда наменета за еротоманската публика, а кино Парк прикажуваше спектакли на 70 милиметарски целулоид, а се памети премиерната проекцијата на кјубриковата „Одисеја во вселената 2001“.

Луѓето отсекогаш сакале да бидат први во нешто. Во поглед на филмот останала истата „болест“, само што „тогаш“ ја имавме привилегијата да ги запознаеме Бергман, Фелини, Куросава, од прва рака, во кино! Плоштад Слобода и киното во Домот на градежните работници „Кочо Рацин“ беа таа култна локација за филмска едукација. „Персона“ на Бергман беше меѓу првите такви искуства… Одеднаш, еден женски лик на целото платно, кој размислува и чувствува, нѐ вовлекува во својот внатрешен свет и ние не сме веќе во реалниот простор, чудна некоја илузија во која Лив Улман молчи цел филм… Па Пјер Паоло Пазолини со „Саломе“ и „Цветот на 1001 ноќ“. Па не докрај разбраниот Федерико Фелини со „Амаркорд“, „Казанова“ и „Проба на оркестарот“.

Ете зошто CINEDAYS се нафати да промовира и евоцира еден виртуелен ретро филмски свет. Да ги освежи сеќавањата за кината што веќе не постојат, или барем за локациите на кои филмот некогаш ја остварувал својата културна и социјална функција. Да го врати духот на киното, на стари места, со нови филмови.

Влатко ГАЛЕВСКИ,
филмски критичар