Влатко Галевски од 1988 – 1993 работи како уредник на видеоизданијата на Македонија Филм Скопје. Од 1993 – 1998 година е уредник на филмската програма на А1 Телевизија и автор на емисиите „Синема“ и „Синеманија“.
Од позначајните работи во неговата кариера, се јавува како продуцент, директор на фотографија и ко-автор на музиката во филмот „Маклабас“ во режија на Александар Станковски. Меѓу другото, се јавува и како актер во филмот „Самит на Шаманите“, исто во режија на Александар Станковски. Автор е на две книги, „Фацерија“ (2010) и „Исповедни финеси“ (2015).
Тој е и автор на преку 600 филмски рецензии во домашни и странски списанија како Екран, За Македонцките работи, Форум, Фокус, Кинопис, Сарајевске свеске и многу други.
Тони Цифровски (1968, Скопје) e долгогодишен новинар и водител во Македонската радио-телевизија, во моментов уредник на Културната програма на Македонското радио – Радио Скопје (дневните радиоемисии од областа на културата „Културна клучалка“ бележат, за македонски услови, импозантна бројка од над 5.000 емисии во живо, реализирани во континуитет).
Соработува како дописник за култура на Радио Дојче Веле (1996-2006), на програмите на Македонската телевизија ја уредуваше и водеше емисијата „Нека биде филм“, а неколку години објавуваше и рецензии за филм во дневниот весник „Дневник“. Автор е на три книги со филмски рецензии „Кинеење 1-3“. Член е на светската федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Соработуваше и со Редакцијата на списанието за историја, теорија и култура на филмот КИНОПИС при Кинотеката на Македонија.
Во 2015 година ја доби наградата „Скрипт презент“ за повеќегодишен критичарски ангажман и придонес во филмската уметност, што ја доделува фондацијата „Македонија презент“.
За документарната радиоемисија „Симон Трпчески – од малата собичка до големите светски сцени“ во јули 2006 година беше номиниран за престижната награда „ПРИ ЕВРОПА“.
Досега има реализирано над 3.000 библиографски единици од областа на филмската и другите уметности.
Стојан Синадинов (1965, Скопје), дипломирал Општа и компаративна книжевност на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Со филмска критика, историја и теорија на филмот се занимава од крајот на осумдесеттите. Објавувал текстови во десетина дневни весници, неделни и месечни магазини, како и специјализирани филмски списанија и изданија во Македонија и регионот.
Известувал од филмските фестивали во Монтреал (Канада), Берлин (Германија), Солун (Грција), Белград (Србија).