Жири на SEE програмата 2024

МАРИЈА ДИМИТРОВА

Жири на SEE програмата

Марија Димитрова е филмска продуцентка од Скопје, Македонија. Во 2016 година ја основа продуцентската куќа Лист Продукција, специјализирана за работа со перспективни автори и продукција на играни и краткометражни филмови.
Нејзиниот филм „Домаќинство за почетници“ (2023), во режија на Горан Столевски, кој е во дистрибуција на Focus Features, е премиерно прикажан на Венецискиот филмски фестивал – Хоризонти и ја освојува наградата Queer Lion. Се појавува и како копродуцент на „Kyuka: Before Summer’s End“ (2024) од Костис Харамуданис, кој е премиерно прикажан во програмата на ACID на Канскиот филмски фестивал.
Во моментов работи на повеќе кратки филмови, документарци и копродукции. Главен продуцент е на најновиот филм на Игор Иванов, „Парно“.
Марија е активно вклучена во меѓународната филмска заедница како член на Европската филмска академија и е дел од управниот одбор на Друштвото на филмски работници. Марија е алумнус на Talents Sarajevo (2015), Maia Workshops (2016), EAVE (2022) и ACE Producers (2023/2024) и Producer on the Move за 2022 година.

За режисерот Андреас Јонсен, снимањето филмови значи препуштање на својата движечка сила: љубопитноста. Како такво, снимањето филмови станува негов начин на истражување, искусување и спознавање на светот. Па така, кога Андреас сака да научи нешто за Кина, нејзиниот политички систем и политиката на цензура, снима филм со светски познатиот уметник Ај Вејвеј. А кога сака да го разбере светот на гастрономијата и системите за храна, сосема е очекувано да почне да снима тим од Nordic Food Lab, истражувајќи јадливи инсекти низ светот. Оваа посветеност и емпатија на повеќе нивоа се јасно изразени во филмовите што произлегуваат. Тие се многу подлабоки од приказната прикажана на површината. Полни се со амбициите, надежите и соништата што ги водат прикажаните ликови. Па така, додека од една страна неговите филмови забавуваат, од друга тераат да се замислите, зашто Андреас умее да го објасни нејасното и сложеното, притоа создавајќи убава приказна.
Андреас Јонсен има снимено повеќе документарни филмови како режисер, продуцент и кинематографер. Неговите филмови се прикажани на фестивали низ светот и емитувани во безброј земји. Познат е по филмовите како „Животот на Кид“, „Еден вид рај“, „Убиство“ и „Ај Вејвеј: Лажниот случај“, кој во 2013 година е номиниран во главната конкуренција на Меѓународниот фестивал на документарен филм во Амстердам, во 2014 година на Cinema for Peace во Берлин, а истата година ја освојува наградата Бодил за најдобар документарен филм на Здружението на дански филмски критичари.

АНДРЕАС ЈОНСЕН

Жири на ЅЕЕ програмата

БОЈАНА АНДРИЌ

Жири на ЅЕЕ програмата

Бојана Андриќ е српска кинематограферка родена 1983 година во Ваљево. Дипломира на катедрата за Филмска и ТВ камера на Академијата за уметности во Белград. Дебитира со играниот филм „Малиот Будо“ (2014), по што следат „Есента на самурајот“ (2016), „Резови“ (2019), „Патеката на ѕверот“ (2022), „Сонце мајкино“ (2023) и „Следи ме“ (во постпродукција). Има работено и на ТВ сериите „Андрија и Анѓелка“, „Мамини синови“, „Погрешен човек, „Убијците на татко ми“, „Бележникот на професор Мишковиќ“ и „Во клинч“. Од документарните проекти се издвојуваат сериите „Брза помош“, „Сурвајвор“, „Подобри заедно“. Нејзиниот последен документарец, „Сонувачки“, за првиот југословенски женски бенд од шеесеттите, има премиера во 2024 година.
Има искуство со сите филмски, видео и ТВ формати и умее да се приспособи на различни проекти и режисерски стилови на работа. Главно користи дигитални формати, но го сака и процесот на аналоген филм. Има присуствувано на повеќе филмски фестивали, како и на бројни мастерклас предавања.
Живее во Белград, но и понатаму е активна на уметничката сцена во родниот град. Коосновач е на локалниот филмски фестивал Ваљевски филмски сусрети, член на одборот на Ваљевската културна мрежа VAKUM (директор 2013-2020), која ја добива наградата за култура на град Ваљево. Предава дигитална фотографија и камера на ITAcademy во Белград. Ментор е на многу млади кинематографери практиканти и идни професионалци.