Close
Navigation
ЖИРИ НА ФЕСТИВАЛОТ

ЖИРИ НА ФЕСТИВАЛОТ

ЛАБИНА МИТЕВСКА, актерската кариера ја започнува како тинејџерка во 1993 со улогата на Замира во „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, награден со Златен лав. Во 1996 започнува успешна соработка со Мајк Винтерботом. По „Добредојдовте во Сараево“, работат заедно и во „Те посакувам“. За овие остварувања е одбрана како една од „Ѕвезди во подем“ на Берлинскиот филмски фестивал во 1998 Актерската кариера ја продолжува низ Европа, создавајќи над 30 улоги во филмови снимани во Германија, Република Чешка, Турција, Италија, Бугарија и Словенија. Во 2001, Лабина, сестра ѝ Теона и братот Вук, ја основаат продуцентската компанија „Сестри и брат Митевски“. Сите нивни филмови се европски копродукции. Таа е одговорна за продукцискиот дел во компанијата. Во 2014 е избрана како дел од проектот Продуценти во движење во рамки на Канскиот филмски фестивал и е национален претставник на EAVE и член на Европската филмска академија.


КНУТ ЕЛСТЕРМАН, роден 1960 година во источен Берлин, студирал новинарство во Лајпциг, живее во Берлин, и е модератор, автор и режисер за националните радио и телевизија (MDR, RBB). Има напишано повеќе книги и одлики за радио и телевизија, за филмови од Израел, Русија и ГДР. Брита Вауер има снимено документарен филм според неговата книга „Gerdas Schweigen“.


БЛАГОЈ ВЕСЕЛИНОВ е македонски актер, роден 1984 во Кочани. Дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на проф. Владимир Милчин. Има одиграно повеќе од 50 театарски ликови и 15 филмски улоги. По филмското деби во драмата од 2009 „Како да не сум таму“, Благој продолжува да импресионира во споредни улоги во повеќе филмови, меѓу кои: „Панкот не е мртов“ (Владимир Блажевски, 2011), „Балканот не е мртов“ (Александар Поповски, 2013), „Ослободување на Скопје“ (Раде Шербеџија, 2016). Најпознат е по улогата на Веле во дебитантскиот филм на Ѓорче Ставрески „Исцелител“ (2017), кој освои повеќе од 15 награди на Меѓународни филмски фестивали. Во 2017 добива споредна улога во филмот „Дедо и внук“ на Илија Пиперкоски, како и во новиот филм на Андреј Кошак „Секој против секого“. Во моментов е вработен во Македонскиот народен театар – Скопје.