Алеш Павлин е филмски и телевизиски продуцент. Тој е коосновач и косопственик на PERFO Production, една од водечките независни словенечки продуцентски куќи за филм и телевизија, основана 2005 година. Дипломира на Економскиот факултет во Љубљана, а подоцна докторира на Факултетот за драмски уметности во Белград. Професор е на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана. Во 2012 година, пан-европската мрежа Европска филмска промоција го избира за програмата „Producers on the Move“ во Кан. Член е на Европската филмска академија, Европскиот продуцентски клуб и Националниот совет за култура на Република Словенија. Основач и уметнички директор е на Фестивалот на европски филм „Брежице“.
Арсен Оремовиќ е филмски режисер, новинар, критичар и публицист. Од 1991 до 2016 година работи како новинар, колумнист и уредник во „Вечерњи лист“, во областите на култура и електронски медиуми, со посебен акцент на филм, музика и телевизија. Во 1999 година е директор на филмскиот фестивал во Пула, два мандата е претседател на Хрватското здружение на филмски критичари, член на Програмскиот совет на ХРТ (2012–2016), како и член на Здружението на новинари на Хрватска и Друштвото на хрватските филмски режисери. Како автор и уредник има објавено повеќе збирки раскази, а во последно време е активен пред сè како филмски режисер и сценарист, за што има добиено повеќе меѓународни награди.
Сара Климоска е родена во Струга, Македонија. Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Глуми во повеќе наградувани македонски и меѓународни филмски продукции, меѓу кои „Лена и Владимир“, „Кајмак“ и „Врба“. Авторка е на сценариото за кратките филмови „Состојба на умот“ и „Нова енергија“. Сара е дел од талент-програмите на Сараевскиот филмски фестивал и на Берлинале. Во 2020 година, ја добива наградата за најдобра филмска актерка во Македонија, доделена од Друштвото на филмски работници на Македонија. Во 2021 година, ја добива престижната награда Европска Shooting Star.