Уникатно отворање на CINEDAYS со Ефтеркланг: Македониум бенд

Пред полното гледалиште во паркот на МКЦ, со македонската премира на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, но и со настап на истоимениот ансамбл, синоќа беше отворен 23-от Меѓународен фестивал на европски филм – „Синедејс“ (Cinedays). 

Музичкиот документарен филм кој е во режија Андреас Јонсен и во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket, а се снимаше во текот на април 2023 година, претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари. Целта е да се состави голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум“ во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.

Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на непосреден, духовит, шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во процесот на регрутација на членови за новиот супер состав „Ефтеркланг: Македониум бенд“, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски Грга, нивен пријател и посредник во авантурата.

Со тоа што МКЦ се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка поддршка на целиот проект, воедно е потенцирана и важната мисија што ја врши Центарот. Дека МКЦ не е само сала, простор, туку е обединувачки културолошки фактор меѓу генерации луѓе, простори и времиња. Од младите, до повозрасните, до уметниците, до новите млади. Или до оние што вечно сонуваат преку култура.

Филмот претставува и своевидна разгледница на Македонија – секојдневен живот, природа, историја, култура и музика.

Премиерата на филмот, се одржа на 23 март 2024 во рамките на „CPH:DOX“ и беше проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во кој во Данците музички се испреплетуваат со 22 македонски музичари. Сите тие повторно сега се качија и на бината спроти „бомбата“ во паркот МКЦ, за да приредат едночасовен емоционален концерт што го слави животот, заедништвото и музиката. Таквата прослава кулминираше со „оро за Гинис“ во кое се фатија присутните од публиката, а потоа журката и дружбата се префрли и на платото на Центарот, каде имаше музички сет на Фиц.

Инаку, покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

Реализацијата на филмот е поддржана од Министерството за култура со 250.000 денари, потоа Данскиот уметнички совет и „Culture Moves Europe“ програмата на Европска унија.

Денеска (12 јули, петок), „Синедејс“ продолжува со фестивалскиот живот, под мотото „Како е? Викај УРА“. На програмата прв е „The most precious of Cargoes“ во режија на Микел Хазанавичиус во кино „Фросина“. Се работи за анимирана басна за Втората светска војна.

Следен филм е „Mavera“ на Батухан Ибрахим во МКЦ Парк, кратка трагична приказна за девојка по име Билјана, за потоа на истата локација да се прикажува и „Good Guys go to Heaven“ во режија на Раду Поткоава – надреална романтична комедија, која нуди избрзано размислување за последиците од нашиот избор.

Филмот „Excursion“ што е инспириран од вистински настан и е режисерско деби на Уна Гуњак, ќе биде проектиран во киното „Фросина“, додека во Кинотека ќе се прикажува „The seed of sacred fig“ на Мохамад Расулоф, дисидент-режисер кој неодамна избега од Иран откако беше осуден на затвор и камшикување

Новиот филм на оскаровецот Роман Полански „The Palace“ сите заинтересирани ќе можат да го погледнат во МКЦ парк. Сместена во хотел на новогодишната ноќ во 1999 година, оваа комедија наоѓа место за Џон Клиз, Мики Рурк и Фани Ардан.

Билетите за „Синедејс“ ќе бидат по цена од 250 денари, за сите филмови.

Фото: Стефан Самандов и Кристиан Христов

Извор