Да се запознаеме подобро: со петнаесетте филма во двете конкуренции на годинашниот Cinedays.
Првично планиран за летото, одложуван од различни причини, а сега најпосле пред нас. Вистински ролеркостер.
Тоа им се случува и на нашите херои на филмското платно: секогаш нешто им се испречува на патот. Понекогаш е смрт, понекогаш некој близок неочекувано ни се враќа во животот, понекогаш мораме да се вратиме некаде каде што не сакаме да одиме и каде што никогаш вистински не сме се чувствувале како дома. Или пак се открива некаква тајна, што е добро, но некому тоа му пречи.
Постои желба за самостојност, но има граници. Напати произволно наметнати, напати од „околности“ што е невозможно да се разберат, дури ни со најдобра волја, но напати и затоа што сме презеле одговорност за друг. Во позадина, тие „околности“ постојано ги изразуваат своите сомнежи, притоа преправајќи се дека воопшто не постојат, во нашиот ум, во умот на другите, погоре, подолу, веднаш до нас.
Понекогаш сакаме да се ослободиме од нив, но понекогаш не, зашто го бараме вистинскиот простор за себе – и на осумнаесет и на осумдесет години.
На крајот, еуфоријата и разочарувањето честопати одат рака под рака, како и лаконизмот и цинизмот, и дури тогаш сфаќаме дека треба повторно да разговараме еден со друг. Можеби во кино. Прво за филмот, а потоа за многуте нешта на кои укажува и за прашањата што ги отвора.
Помеѓу тага и меланхолија, презаситеност и копнеж, ведрина и лутина, најтешко искушение и новооткриена храброст. Петнаесет приказни што треба да ги доживееме заедно.