Филмот е уметност на новото време. Филмскиот јазик е сеприсутен и станува глобален аудиовизуелен јазик. Новите технологии ја демократизираат филмската продукција и создавањето филмови станува сè подостапно (филмови може да се снимаат и со мобилен телефон). Може слободно да се каже дека познавањето на филмскиот јазик е дел од писменоста во ова дигитално време. Една од главните цели на оваа работилница е токму тоа – да се добие разбирање за основните елементи на филмскиот јазик. Оваа работилница е наменета за почетници и млади, кои сакаат да се занимаваат со филмска режија преку која ќе се запознаат со изразните можности на филмскиот јазик, неговата граматика и синтакса.
Саша Станишиќ завршил Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје и Филмска и ТВ-режија на ФДУ – Скопје, каде што има и магистрирано. Како режисер се потпишува на повеќе кратки филмови: „Мангава диско панк“ (дел од омнибусот „Скопје ремикс“), „Митот за Сара“, „Долу од рајот“, „PC Busan“ (снимен во Јужна Кореја), „Кавал“. Работи како професор по Филмска и ТВ-режија на Интернационалната академија Еуропа Прима.
Тој е менаџер на Катавеј, компанија што се занимава со продукција и дистрибуција на филмови, со која ја започнува cinesquare, најголемата Вод-платформа во Југоисточна Европа, која ги покрива сите земји од регионот. Редовно присуствува на најголемите европски фестивали и е редовен гостин на форуми и настани поврзани со филмска режија како и онлајн-дистрибуција.