Notice: Undefined variable: header_sticky_mobile in /usr/www/users/auraqt/cinedaysmk/wp-content/themes/ohio/parts/headers/header-style-5.php on line 24

Living Music Project

офф програма

17.7. | 19:30

Кино Фросина

Не треба многу да се зборува за моќта на музиката во филмот.

Со својата евокативна, емоционална, па и информативна суштина, а и како архитектоника на време, музиката може сосема да ја смени перцепцијата на филмот и еден ист филм да изгледа сосема поинаку со различна музика. Музиката може да го вертикализира (забави) или да го векторизира (насочи) времето, да ја промени перцепцијата за просторот во и вон видното поле, да ни го каже сето што не е кажано со другите изразни средства со кои се користи филмот, да го извади на површина невидливиот гостин во сцената, да евоцира спомени, да насочува внимание, па дури и да манипулира со парасимпатичниот нервен систем на публиката. Недвојбено, моќта на музиката произлегува од нејзината суштина, а тоа е непосредноста – музиката ги стигнува и стимулира емоциите пред да биде обработена од рациото, при што, во случајов, тоа е во функција на повисока идеја – филмот.

LIVING MUSIC е проект токму за тоа – на очиглед да се стави ваквата моќ на аудитивната уметност, која е во сенка на доминантното визуелно. 

Инициран по идеја и менторство на професор Дарија Андовска, LIVING MUSIC проектот и оваа 2024 година ќе биде дел од фестивалот на европски филм CINEDAYS, по трети пат. Изминативе години, се запознавме со бројни филмски режисери и композитори, кои со своите изрази придонесоа кон развојот на прекрасни композиции, испреплетени во бројни краткометражни филмови, препознаени од европската публика. Сето под координација на Ангел Спироски и Јане Спасиќ, на кои неизмерно им се заблагодаруваме за нивниот несебичен придонес изминатите изданија.

Оваа година, проектот што ќе здружи 13 филмски режисери и композитори, го координира младиот продуцент Дино Чупевски. Започнувајќи од 9 јули, па сѐ до 17 јули кога ќе се случи финалната презентација во киното Фросина, композиторите Ребека Вилпу од Естонија, Изабела Калмет од Перу, баритонот Робин Де Јагер од Белгија и нашите домашни композитори Глигор Кондовски, Анастазија Голчева, Никола Малинов, Дарко Јованов, Никола Ивановски, како и студентите Михаил Димовски и Никола Весев од Факултетот за музичка уметност при УКИМ, ќе работат на четирите филмови кои оваа година влегоа во селекција, и тоа, под режисерските палки на Утку Чирак од Турција, Луис Соса од Мексико и нашите Леон Ристов и Бојан Василев.

Оваа иницијатива претставува возбудливо истражување и реализирање на современи уметнички дијалози и заеднички потфати во сферата на европскиот филм, што ја истакнува нашата посветеност да ги поместиме границите и да продолжиме да го градиме CINEDAYS како еден од клучните филмски фестивали во земјава.