Фестивал на европски филм Синедејс
ЈУ Младински културен центар
кеј Димитар Влахов 15, МК-1000 Скопје

МУЗИКАТА ВО МАКЕДОНСКИОТ ИГРАН ФИЛМ

Предавање на проф. д-р Александар Трајковски

Предавањето на тема „Музиката во македонскиот игран филм“, се заснова на презентација на богата содржинска анализа, која ја опфаќа музиката во сите играни филмови, почнувајќи од првиот македонски игран филм „Фросина“, снимен во 1952 година, па сè до денес. Анализата е направена врз основа на седум параметри, при што така ќе биде и презентирана: композитори – автори на оригиналната музика, времетраење на музиката, потекло на музичкиот материјал, иманентна музика, вид музика според изведувачкиот состав, изведувачи, функција на музиката и стилистика.

Водејќи го предавањето низ различни временски периоди од историскиот пат на македонската кинематографија, предавачот, проф. д-р Александар Трајковски, ќе ги запознае слушателите со повеќе интересни информации за настанувањето на релациите режисер – композитор во конкретните филмови, за процесот на креирање на музиката, за инспирацијата за нејзиното создавање и др., добиени од автентични интервјуа со поголем број режисери и композитори.

Теориското предавање ќе биде надополнето со повеќе аудиовизуелни презентации.


Проф. Д-р Александар Трајковски е редовен професор на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима во Скопје, каде што предава предмети од областа на музичката теорија. Во рамките на универзитетот, го раководел Институтот за аудиовизуелни уметности, а во моментов ја извршува функцијата ректор.

Образованието го стекнува на Универзитетот „Св. Кирил Митедоиј“ во Скопје, каде што дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност, а докторира на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.

Автор е на книгите „Музиката во македонскиот игран филм: од ‘Фросина’ до ‘Лазар’“ и „70 години АКУД ‘Мирче Ацев’“, а коавтор на книгата „Зина Креља, сопран, првенка на Операта при Македонскиот народен театар“.

Добитник е на наградата „13 Ноември“ од областа на публицистиката, за 2019 година.