ЛОШИТЕ ДЕВОЈКИ ОД ФИЛМОВИТЕ

  • Сандра Шевандо

  • Германија

Малку филмови во историјата се запаметени по култните субверзивни главни женски ликови, а уште помалку по тоа колку нивните костими биле важни во создавањето и паметењето на ликот. Субверзивните „лоши“ девојки од филмската историја, а поточно од 60-тите години наваму се во фокусот на настанот со наслов „Лошите девојки од филмовите“, а посебно се еден од главните интереси на авторката на настанот – Сандра Шевандо.

Контроверзните ликови како Бони Паркер, Петра фон Кант и Северин од филмските автори Артур Пен, Фасбиндер и Буњуел ќе останат запаметени по нивната костимографска визуелизација, која што ќе има силно влијание во секојдневната мода, не само во периодот во кој филмот излегол, туку и децении нанапред. Она што ги поврзува избраните ликови е нивната неконвенционалност, контроверзноста и противењето на наметнатите општествени норми.

Публиката ќе може да види различни рекреации на култни филмски костими што ќе опфатат различни формати и визуелизации од „живи слики“, видеа и графички постери, до импровизациски настапи на глумци и оживување на познати сцени од филмовите на сцени специјално поставени низ просториите на Младинскиот културен центар во Скопје.

Авторка на проектот е Сандра Шевандо, а куратор е Драган Христов. Продуцент е Емилија Чочкова, МКЦ.

Сандра Шевандо е стилист на винтиџ-облека и колекционерка на винтиџ-мода. Живее и работи во Берлин, Германија, а оваа ретка професија ја пронаоѓа по искуството со уличната уметност и перформансите во Италија и низ Европа, каде што создавањето ликови главно преку винтиџ-облека ја доближува до бројни истражувања во историјата на костимографијата во филмот и ТВ.

Драган Христов е дизајнер и сопственик на модниот бренд Лудус, еден од ретките што прави пробив на интернационалниот пазар преку учества на саеми, шоуруми и изложби во галерии и музеи во Словенија, Австрија, Германија, Чешка, Холандија, Италија итн. Добитник е на неколку награди за работата на Лудус во Словенија и Австрија.

— 8.7.2022
петок

— МКЦ
20:00

Организаторот го задржува правото за измени во термините и распоредот на програмата.