cinEmusic јули 13, 2022

LIVING MUSIC PROJECT

  • Ментор

    Дарија Андовска

  • Македонија

Не треба многу да се зборува за моќта на музиката во филмот.

Со својата евокативна, емоционална, па и информативна суштина, а и како архитектоника на време, музиката може сосема да ја смени перцепцијата на филмот и еден ист филм да изгледа сосема поинаку со различна музика. Музиката може да го вертикализира (забави) или да го векторизира (насочи) времето, да ја промени перцепцијата за просторот во и вон видното поле, да ни го каже сето тоа што не е кажано со другите изразни средства со кои се користи филмот, да го извади на површина невидливиот гостин на сцената, да евоцира спомени, да насочува внимание, па дури и да манипулира со парасимпатичниот нервен систем на публиката. Недвојбено, моќта на музиката произлегува од нејзината суштина, а тоа е непосредноста – музиката ги стигнува и стимулира емоциите пред да биде обработена од рациото, при што, во случајов, тоа е во функција на повисока идеја – филмот.

Living Music Project е проект токму за тоа – на очиглед да се стави ваквата моќ на аудитивната уметност, која е во сенка на доминантното визуелно.

За разлика од првото издание на LMP, кое се случи по повод јубилејниот 20. CINEDAYS, во ова второ издание на LMP имаме поамбициозна замисла.

Имено, годинешното издание на Living Music Project дава можност на младите филмски уметници да имаат свое авторско дело со оригинална музика, како и да совладаат барем сегмент од оваа чувствителна комуникација со еден од најважните партнери во создавањето на филмот – композиторот.

Како во старите добри времиња, музиката за кратките филмови што ќе бидат избрани од понудата на селектираните апликанти, ќе биде изведувана во живо со проекција на филмовите и, секако, со користење на современите технологии.

— 13.7.2022
среда

— парк МКЦ
23:30

Организаторот го задржува правото за измени во термините и распоредот на програмата.