Фестивал на европски филм Синедејс
ЈУ Младински културен центар
кеј Димитар Влахов 15, МК-1000 Скопје

Меѓународен музички проект

Не треба многу да се зборува за моќта на музиката во филмот.

Со својата евокативна, емоционална, па и информативна суштина, а и како архитектоника на време, музиката може сосема да ја смени перцепцијата на филмот и еден ист филм да изгледа сосема поинаку со различна музика. Музиката може да го вертикализира (забави) или да го векторизира (насочи) времето, да ја промени перцепцијата за просторот во и вон видното поле, да ни го каже сето тоа што не е кажано со другите изразни средства со кои се користи филмот, да го извади на површина невидливиот гостин на сцената, да евоцира спомени, да насочува внимание, па дури и да манипулира со парасимпатичниот нервен систем на публиката. Недвојбено, моќта на музиката произлегува од нејзината суштина, а тоа е непосредноста – музиката ги стигнува и стимулира емоциите пред да биде обработена од рациото, при што, во случајов, тоа е во функција на повисока идеја – филмот.

Living Music Project е проект токму за тоа – на очиглед да се стави ваквата моќ на аудитивната уметност, која е во сенка на доминантното визуелно.

Како во старите добри времиња, музиката за кратките филмови Oracle, Last minute, Silent love, Wings, Black and White Video Art ќе биде изведувана во живо со проекција на филмовите и, секако, со користење на современите технологии.

Сите пет филма ќе се емитуваат двапати, во две различни верзии, работени од различни тимови на селектираните композитори и режисери, па публиката ќе има можност да ја увиди горенаведената моќ на музиката во филмот и како таа го менува.


Дарија Андовска – ментор

Дарија Андовска дипломирала композиција во Скопје, магистрирала современа и филмска музика на ZHdK во Цирих, Швајцарија, а моментално е на докторски студии во класата на Каја Черновин на Харвард институтот во САД. Авторка е на камерна, соло, оркестарска, симфониска и хорска музика, музика за филм, театар, танц и мултимедијални проекти.

Нејзините дела се изведени во Албанија, Ерменија, Австрија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Белгија, Бугарија, Канада, Хрватска, Кина, Данска, Англија, Франција, Германија, Грузија, Грција, Италија, Ирска, С. Македонија, Мексико, Црна Гора, Норвешка, Полска, Романија, Русија, Србија, Словенија, Шведска, Швајцарија, Шпанија, Турција, Украина, САД. Има победено на бројни натпревари, номинирана е и наградувана за филмска и театарска музика низ целиот свет, а дел е и од светските антологии во различни области. За неа има објавувано во Италија, Швајцарија, Германија, Србија, С. Македонија. Избрана од страна на „MusMA – Music Masters on Air“ како еден од најдобрите млади композитори во Европа за 2013/2014 година. Номинирана во 2014, а наградена во 2013 и 2015 година со награда „Виртуози“ за најдобар композитор во С. Македонија. Добитничка е на наградата „Истакнат уметник на Град Цирих – Композитор“ за 2014 година. Македонски амбасадор за музика за проектот CEEC 17 + 1 2016/2017 и 2018/2019. Наградена со државната награда „Панче Пешев“ во 2018 година за највисоки достигнувања во музичката уметност.

Уметнички раководител на фестивалот Денови на македонската музика за 2013-2015 и 2019-2021. Работи како редовен професор на Факултетот за музички уметности, како и на Факултетот за драмски уметности во Скопје.