Фестивал на европски филм Синедејс
ЈУ Младински културен центар
кеј Димитар Влахов 15, МК-1000 Скопје

Бела Тар

Филмската архитектура
на Бела Тар

Бела Тар е меѓу највлијателните режисери изминативе 30 години. Бела Тар е антимистик. Некој што својот филмски опус го разбира како борба против правењето филмови/лаги. Кај Тар, филмот станува живо битие, заеднички емпатичен договор помеѓу режисерот и гледачот, чин на доверба. Неговата методологија подразбира флуидност во филмската нарација, поинаков монтажен процес во филмското раскажување, протест против традиционалното филмско изразување, поинаков простор и поинакво филмско време.

Бела Тар создаде сопствен филмски јазик додавајќи ја алегоричната слика на своето опкружување. Кинестетскиот јазик на Тар е најдобро изразен преку тежината на времето, товар присутен во голем број од неговите филмски сцени.

Бела Тар го револуционизира современото кино.

Радикалниот пристап на Тар не е само авенија за формално експериментирање во филмската уметност, туку создавање облик на односот меѓу луѓето, режисерот и неговите ликови – и модерната историја, особено онаа на посткомунистичкиот свет. Опкружен со административниот цинизам на Унгарија, неговиот атеистички светоглед  е жестока реакција кон стапиците на популизмот.

Неговите филмови покажуваат поинаков агол на значењето на филмот наспроти контролираниот фатализам, процес во кој социјалниот реализам се движи кон метафизичка поетика, кон повисоко ниво на наративна апстракција.

Филмовите на Бела Тар прикажуваат обични животи преку едноставноста на нивните метафизички и достоинствени борби. Нема сценарио, нема професионални актери, нема правилна драматургија, често само грди парчиња полни со енергија и гнев, кои го разголуваат животот.

Затоа камерата кај Тар има кореографско движење со хипнотичка, меланхолична, строга и енигматична моќ.

И бидејќи филмот е жива материја, речиси нема потреба да ја објаснува својата комплексност, тој е нераскинлив дел од самото постоење. Ако филмот е жив, на крајот, останува прашањето: дали навистина е потребно да се објаснува?

„Често имам чувство дека секогаш го правиме истиот филм, само секојпат малку подобро.“ – вели Бела Тар

Најавениот мастерклас на Бела Тар во рамките на CINEDAYS треба да биде поттик за новите генерации филмски професионалци во надградбата на нивните идни филмски идеи и проекти.

Влатко ГАЛЕВСКИ