ПО КАН, ЕВРОПСКИТЕ ПРЕМИЕРИ ВО СКОПЈЕ НА CINEDAYS

Во пресрет на фестивалот на европскиот филм

Меѓународниот фестивал на европскиот филм „Синедејс“ годинава ќе се одржи по 23-ти пат, од 11 до 17 јули. Како прецизно одбрани кадри се поредени повеќе од 40 филмски наслови со кои Скопје повторно ќе живее во филм во фестивалскиот период. Под годинашниот слоган „Како е? Викај ура“, летните скопски филмски вечери ќе се одржуваат во паркот зад МКЦ, киното „Фросина“ и во летното кино во Кинотеката. Отворањето ќе го одбележи македонскo-данската соработка „Ефтеркланг: Македониум бенд“, бенд што ја обележи својата концертна премиера во април лани пред споменикот „Македониум“ во Крушево и својата филмска премиера во Копенхаген годинава.

– Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во тој процес на регрутација на членови за новиот метасостав наречен „Ефтеркланг: Македониум бенд“, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски-Грга, кој е нивен пријател и посредник во целата авантура. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент, преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект – велат од МКЦ.
Според Владица Младеновски од МКЦ, оваа плејада на неверојатни уметници на двата концерта изнуди овации од присутната публика, која по вториот концерт и побараниот бис се крена на нозе и развиори македонски оро, кое продолжи и надвор од концертната просторија.

– Никогаш нема да го заборавиме она што ни се случи таа вечер во Копенхаген. Триумф на универзална љубов. Особено ми е драго што овој филм е првиот вистински документарен филм во продукција на МКЦ Скопје – вели Младеновски.
И годинава, натпреварувачката програма на „Синедејс“ е селекција на Бернд Будер. Во фестивалската програма ќе видиме светски и македонски филмови и копродукции во официјална селекција, галапрограма, СЕЕ-програма, македонски кратки филмови, ретроспектива на филмови посветена на легендарниот југословенски режисер Вељко Булајиќ, како и кратки филмови од култниот европски автор Вим Вендерс.

Во галапрограмата, директно од годинашното издание на Канскиот филмски фестивал доаѓаат наградените остварувања на Кроненберг, Вуди Ален, неверојатното остварување на Корали Фержо со Деми Мур во главна улога, последниот филм на иранскиот легендарен режисер Расулоф, потоа Оноре, Жанг Жи, Хазанавициус, Полански.

– „Синедејс“ е единствениот фестивал во Европа што ја има таа привилегија да ги прикаже овие наслови директно по нивната премиера во Кан – велат организаторите.
Поради големиот интерес, во придружната програма, повторно и оваа година ќе се реализира меѓународниот проект „Ливинг мјузик“ под водство на професорката Дарија Андовска, во која студенти или тукушто дипломирани режисери и композитори од Европа работат заедно во резиденцијален проект за време на фестивалот и создаваат филмска музика, која потем ќе ја изведат во живо.
Музичката програма на фестивалот под наслов „Синемјузик“ и оваа година носи изненадувања. Свој настап ќе имаат и регионалниот експериментален панк-бенд „Турбо транс тристи“, скопскиот инди-состав СИЗ, како и психоделичното музичко дуо „Сирил-Сирил“ од Швајцарија. В.Д.

Извор