Фестивал на европски филм Синедејс
ЈУ Младински културен центар
кеј Димитар Влахов 15, МК-1000 Скопје

Интервју со Блерта Башоли – режисерка на „Улиште“

Да се пишува за филм одзема многу време, многу истражување и копање во личните чувства за овие нешта, па затоа тоа ме промени на многу начини. Мислам дека јас пораснав снимајќи го овој филм како режисер и како индивидуа – вели режисерката Башоли, која синоќа гостуваше на фестивалот „Синедејс“ во Скопје.

Нејзиниот прв долгометражен филм „Улиште“ на најголемиот фестивал на независен филм „Санденс“ годинава освои дури три награди. Режисерката Блерта Башоли ја освои наградата за најдобра режија, а во категоријата „Филм од светот“, „Улиште“ беше награден од жирито и од публиката.

Башоли, која досега има режирано неколку кратки филмови, синоќа беше гостинка на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“. Филмот е копродукција помеѓу Косово, Македонија, Швајцарија и Албанија, а македонски продуцент е „Црна мачка продукција“.

Во разговорот со Умно.мк, Башоли раскажува од каде дошла инспирацијата за филмот.
– Ме инспирира ТВ-приказната за Фахрије Хоти, која зборуваше за тоа како таа почнала да работи, како го изгубила својот сопруг за време на војната во Косово и како општеството почнало да ја опсипува со предрасуди. Но, кога ја запознав Фахрије во живо, најмногу ме инспирира нејзината личност, енергија, едноставно, нејзиниот карактер – изјави Башоли.

Филмот е за Албанка чиј сопруг исчезнал во масакр кај местото Велика Круша во Косово во 1999 година, кога НАТО започнал со воздушни напади на Србија.

Режисерката Башоли признава дека фактот дека и самата е жена и мајка, ѝ помогнало полесно да ја раскаже приказната за Фахрије.
– Можев да се поврзам со приказната на Фахрије на повеќе нивоа и да се идентификувам со неа – додава Блерта.
На прашањето како една ваква лична приказна и влијаело на неа, Башоли вели:
– Да се пишува за филм одзема многу време, многу истражување и копање во личните чувства за овие нешта, па затоа тоа ме промени на многу начини. Мислам дека јас пораснав снимајќи го овој филм како режисер и како индивидуа – вели таа.

Таа им порача на нашите читатели:
– Се надевам дека „Улиште“ ќе им даде на охрабрувачко чувство и на мажите и на жените и колку е важно да следите одредена цел, без разлика каква е таа. Или како што Фахрије би рекла: „Гледајте само напред, никогаш не гледајте назад или на страна“.

Интервјуто го правеше Сребра Ѓорѓијевска.
Фото: Стефан Самандов

*Текстот е преземен од Умно