Со моите филмови не сакам никому да му кажувам како да размислува за одредена тема
Бескрајно сум благодарен за тоа што ми се појави шанса за многу брз период да снимам три филма кои ми се многу драги со три екипи кои ми се уште подраги – вели режисерот Горан Столевски
Филмот „Нема да бидеш сама“ му ги отвори пошироко вратите на филмската индустрија во Австралија. Горан Столевски за две години сними три долгометражни филма, што е голем успех. Вечерва во рамките на 22. „Синедејс“, во 21.15 часот ќе можеме да го видиме „Доволно возрасни“ (Of an Age). Филмот е веќе прикажуван во Германија и Швајцарија, а сега прв пат игра во источна Европа.
„Доволно возрасни“ ќе го види публиката во Скопје на Фестивалот „Синедејс“. Може ли да ни откриете повеќе за идејата за филмот, дали тлееше долго во вас и беше ли тешко да се најде поддршка за да се сними?
– Како прво морам да потенцирам дека овој наслов не е мој избор. За мене филмот на македонски се вика „За некоја година“ и доста сум разочаран од погрешниот превод, но да преминеме на поубави теми. Идејата за сценариото ја добив додека читав кратка приказна од писателката Карен Расел, во која средношколец за прв пат оди на забава. Тој момент во приказната ме врати на некои моменти од моите тинејџерски години, поточно на моите тогашни наивни погледи кон животот и љубовта. Скоро никогаш не помислувам на тоа време, па решив на неколку дена да се потсетам.
Приказната брзо ја напишав – целото сценарио го завршив за осум дена. Редовно морам да објаснам дека приказната не е автобиографска – всушност карактерот Никола Дениќ е доста различен од 17-годишниот Горан Столевски. Но истовремено секако постојат и многу сличности, и меѓу мене и него, а и меѓу мене и Адам – па дури би рекол и меѓу мене и Ебони, хаха…
Родовата еднаквост, правото да бидеш тоа што си и за тоа да си почитуван, се чини е се’ повеќе е важна. Колку уметноста, конкретно филмската може да помогне во рушењето на предрасудите што ги имаме?
– Главно се трудам да избегнам дидактика. Не ме интересира преку филмовите никому да му кажувам што и како да размислува на која било тема – и не мислам дека таков креативен пристап води кон конкретен напредок. Колку што можам да проценам, обично тоа само води кон преидеализирани дво-димензионални малцински ликови. Гледачите што претходно веќе се сложуваат со погледите на авторот можат само да кимнат со глава, за останатите само уште повеќе истите да ги помразат. Не ме интересираат такви приказни.
Точно е дека протагонистите во моите филмови скоро секогаш се или феминисти или геј (или двете..), ама истовремено се и сто други работи. Не создавам ликови со идеолошка цел. Едноставно пишувам за чувства и внатрешни животи како моите, кои може да ме поврзат со разни видови гледачи низ цел свет.
Не знам дали некој некогаш навистина ќе се излечи од предрасуда токму поради некој мој филм, ама па и не се замарам многу со тоа.
Какви се реакциите за филмот каде што досега е прикажан?
– Во САД и во Австралија (каде што победивме три фестивали) критиките претежно беа позитивни, а реакциите од публиката пак уште попозитивни. Пријатно ме изненади тоа. Дури и во студентските денови, отсекогаш во Австралија имав репутација како тежок „артхаус“ филмаџија, па ми се допаѓа тоа што ете, мојот најинтимен филм успеа да насмее и насолзи поширока публика. Помина скоро цела година од премиерата и секоја недела сèе уште добивам пораки од нови, длабоко трогнати гледачи.
Дали „Нема да си сама“ ви отвори пошироки врати во светот на филмот?
– Доста помогна тоа што уште пред снимањето стекнавме поддршка од Focus Features и Universal Pictures и тоа што – за среќа – тие беа задоволни од завршениот филм. Од тогаш нивната поддршка продолжува и поради тоа, да – врати што дваесет години беа затворени некако полека се отвораат, барем сега за сега. Но ова е комплицирано поле и комплицирана индустрија. Не можам конкретно да речам дека имам некои особено гламурозни очекувања за иднината. Но бескрајно сум благодарен за тоа што ми се појави шанса за многу брз период да снимам три филма кои ми се многу драги со три екипи кои ми се уште подраги.
На што друго сте фокусиран периодов на полето на филмот?
-Мојот трет филм, „Домаќинство на почетници“, кој лани го снимивме во Скопје наскоро ќе има премиера. Планирам да сум во Македонија заедно да го гледам филмот со прекрасната екипа која работеше на него и која секој ден се уште длабоко ми недостига.
Во меѓувреме имам уште две други сценарија: политичка сатира – „Полу-вистина“ – и љубовна драма -„Момците се сите тука“. За двата филма полека ги составаме финансиите.
Но истовремено морам да бидам искрен – летово јас најмногу сум фокусиран на одмор, хаха. После три долгометражни филмови снимени за две години, мислам сум заработил барем некој месец пауза и малку дружење со публика по фестивали.