Фестивалот на европски филм „Синедејс“ ќе се одржи со мото „Како е? Викај ура!“

Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“ годинава од 11 до 17 јули ќе се одржи во своето 23-то издание. Како прецизно одбрани кадри се поредени повеќе од 40 филмски наслови со кои Скопје повторно ќе живее како во филм.

Под годинашното мото „Како е? Викај ура!“, летните скопски филмски вечери на „Синедејс“ ќе ги пресретнуваме во паркот зад Младинскиот културен центар, во киното „Фросина“ и во летното кино на отворено во Кинотеката. Отворањето на фестивалот ќе го одбележи македонскo-данската соработка на данскиот бенд „Ефтеркланг“ и „Македониум бенд“. Оваа соработка ја обележа својата концертна премиера во април 2023 година пред споменикот „Македониум“ во Крушево и својата филмска премиера во Копенхаген на фестивалот „CPH-DOX“ на 23 март 2024 година.

– Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин преку патувачка турнеја низ Македонија. Во тој процес на регрутација на членови за новиот метасостав наречен „Ефтеркланг: Македониум бенд“, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичката програма во МКЦ, Владица Младеновски – Грга, кој е нивен пријател и посредник во целата авантура. Младинскиот културен центар се јавува во улога на продуцент, преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект – истакнуваат од МКЦ.

Тимот на МКЦ се организатори на фестивалот „Синедејс“ и, истовремено, продуценти на филмот, во кој учествуваат голем број македонски музичари.

– Оваа плејада на неверојатни уметници на двата концерти изнуди овации од присутната публика, која по вториот концерт и побараниот бис се крена на нозе и развиори македонски оро, кое продолжи и вон концертната просторија. Никогаш нема да го заборавиме она што ни се случи таа вечер во Копенхаген. Триумф на универзална љубов. Особено ми е драго што овој филм е првиот вистински документарен филм во продукција на МКЦ Скопје – посочува Владица Младеновски од МКЦ.

И годинава, натпреварувачката програма на „Синедејс“ е селекција на Бернд Будер. Во фестивалската програма ќе видиме светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во Официјална селекција, Гала програма, SEE програма, „МК Шортс“ (кратки филмови), Ретроспектива на филмови посветена на легендарниот југословенски режисер Вељко Булајиќ, како и кратки филмови од култниот европски автор Вим Вендерс.

Во Гала програмата директно од Кан, кој се одржа кон крајот на мај 2024, „Синедејс“ ги носи наградените остварувања на Кроненберг, Вуди Ален, неверојатното остварување на Корали Фержо со Деми Мур во главна улога, последниот филм на иранскиот легендарен режисер Расулоф, потоа Оноре, Жанг Жи, Хазанавициус, Полански. „Синедејс“ е единствениот фестивал во Европа кој ја има таа привилегија да ги прикаже овие наслови директно по нивната премиера во Кан.

Поради големиот интерес, во придружната програма и оваа година ќе се реализира меѓународниот проект „Living music“ под водство на професорката и композиторка Дарија Андовска, во која студенти или тукушто дипломирани режисери и композитори од Европа работат заедно во резиденцијален проект за време на фестивалот и создаваат филмска музика која потем ќе ја изведат во живо.

Музичката програма на фестивалот под наслов „Синемјузик“ оваа година носи изненадувања. Покрај свеченото отворање на фестивалот со Гала концертот на „Ефтеркланг: Македониум бенд“, свој настап ќе имаат и регионалниот експериментален панк-бенд „Турбо транс туристи“, скопскиот инди-состав СИЗ, како и психоделичното музичко дуо „Cyril-Cyril“ од Швајцарија.

Фестивалот е финансиски поддржан од Град Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата „ЕУ Филм Фестивалс“, Агенцијата за филм, а во партнерство со „Публицис“ и Кинотеката на РС Македонија.

Извор