Вести

„СТЕЛА“ НА СТОЈАН ВУЈИЧИЌ ЌЕ ГО ОТВОРИ, А „ХОМО“ НА ИГОР ИВАНОВ-ИЗИ ЌЕ ГО ЗАТВОРИ CINEDAYS 2020

Премиери на македонски филмови ќе има на отворањето и на затворањето на 19. Фестивал на европски филм Синедејс, кој под слоганот „Филм на секое платно“ од 18 до 24 септември ќе се одржува на девет локации низ Скопје: Градски парк, Паркот на Младинскиот културен центар (МКЦ), Парк Ибни Пајко, Кино Влае, Парк Кисела Вода, Кино Напредок, Кино Маџари, Дом на градежници „Кочо Рацин“ и кровот на Градскиот трговски центар (ГТЦ).

Отворањето на фестивалот е со светската премиера на првиот македонски семеен детски филм „Стела“ на Стојан Вујичиќ, во продукција на „Дрим фактори“, а затворањето е со македонската премиера на „Хомо“ на Игор Иванов-Изи на 24 септември.

„Филмот ‘Стела’ е првата домашна еко или зелена продукција. Бевме водени од најновите светски еколошки стандарди, да го намалиме производството на отпад на минимум, да ја намалиме емисијата на штетни гасови, да го рециклираме отпадот и слично. Инаку, снимањето на филмот се одвиваше во Скопје, а потоа продолжи во Галичник и на падините на планината Бистра, а заврши во Штутгарт, Германија“, вели продуцентот Огнен Антов.

Селектирани од Бернд Будер, на Синедејс ќе се прикажат 40 филмови во Официјална селекција, Гала програма, Музички документарци, МК во ЕУ, МК премиери, СЕЕ програма, ФДУ ретро, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – синЕмјзуик.

„Годинава за првпат имаме поп-ап кино, кое ќе ги оживее најавените локации. Секое време носи свои навики и начин на социјализација, од маалски игри, телевизор во двор кај комшиите, фудбал на мали голчиња, комодоре 64, до лаптоп и мобилен екран за секое дете. Во целиот овој технолошки напредок и промена на начинот на комуникација, едно е сосема сигурно, Скопје било и ќе биде едно големо кино. Локациската ‘реставрација’ на местата каде што во минатото постоеле киносали и проекцијата на филмови на овие позиции, ќе се обиде да даде омаж на културата на еден град“, рече на денешниот прес Филип Николовски, директор на програма на МКЦ.

За затворање на фестивалот ќе настапи ЗЏМ Колективот, во придружба на гудачки оркестар, кој е составен од музичари на Националната опера и балет и од Симфонискиот оркестар на Филхармонија, под диригентство на Џијан Емин.

Билетите за овогодишното издание ќе бидат по 100 денари, за  сите филмови, освен за филмовите од поп-ап кино каде се бесплатни.

За програмата во Градскиот парк, паркот Ибни Пајко и МКЦ парк, билетите по цена од 100 денари може да купат онлајн, преку bileti.mkc.mk  како и на самиот влез на овие локации. За филмовите од поп-ап киното бесплатни билети може да се набават само онлајн (bileti.mkc.mk).

Влезот за музичката програма е бесплатен, освен концертот на ЗЏМ Колектив, за кој ќе билетите бидат по 300 денари.

Од МКЦ велат дека поради ситуацијата со ковид-19, бројот на билети е редуциран.

Б. НЕСТОРОСКА

*Текстот е преземен од Сакам да кажам