Close
Navigation
Вести

Разговор со Маргарита Арсова, координатор на CINEDAYS

Веќе десетина години Маргарита Арсова е препознатливо лице на фестивалот на европски филм „Синедејс“, кој од година во година ги поместува стандардите за седмата уметност кај нас. Ненаметлива, самосвесна и сигурна, не пропушта да истакне дека фестивалот е тоа што е, токму заради тимот кој е зад него. А за себе, скромно вели дека е само негов координатор.

Вообичаениот термин за „Синедејс“ е во ноември, но пандемијата помести многу работи во нашето живеење, па дури и терминот на фестивалот, кој годинава го збогатува летниот културен пејсаж на Скопје. Тимот на Младинскиот културен центар, кој стои зад фестивалот, не ги користеше „привилегиите“ на пандемијата, туку се обиде да ја прилагоди својата програма и да го одржи културниот пулс.

Како изгледаше подготовката на ова „ковид-издание“ на фестивалот? 
– Предизвикувачки напорно, но со голем ентузијазам, надеж и мотив за работа. Едвај чекав да се активираме повторно и да почнеме со реализација на настани. Сфатив дека дефинитивно тоа е она што ме вози во животот. Беше тешко да се концепира програмата кога целата филмска и фестивалска индустрија е замрена, но верувам дека успеавме да создадеме внимателно селектирана филмска програма, која буквално ќе ја разнесеме низ цел град.

Меѓу другите специфики, ова издание е под отворено небо и со слоганот „Филм на секое платно“ оживувате стари заборавени кинолокации во Скопје. Но од вашето досегашно работење, што особено паметите на „Синедејс“, на што сте горда?
– Како тим решивме наместо да се туфкаме и зборуваме колку е тешко да се работи во овие услови, да бидеме проактивни и да успееме да извлечеме максимум од настаните и сепак да ги реализираме во физички услови, наместо онлајн. Така и решивме „Синедејс“ да го извлечеме во септември, па со размена на идеи дојдовме и до тоа  наместо да бидат кои било локации, тоа да се, сепак, старите кина во Скопје, за целата програма да добие една убава нишка и смисла. Од изминатите години, никогаш нема да ја заборавам посветата во книгата од Јан Харлан, продуцентот на Кјубрик, напорните и непроспиени вечери поминати во табели и повици, акредитирањето во ФИАПФ, гостите и смеењето, филмовите кои ми го сменија животот и чавките пред МКЦ во ноември. Горда сум на моите колеги, кои ги сакам со целото мое срце.

Професионално сте посветени на поддршка на алтернативната сцена и нејзино востоличување тука. Од каде тој порив? Дали е поврзан со работењето во МКЦ?
– Работењето во МКЦ е приказна сама за себе. Работев во досадна фирма за увоз на компјутери и лиценци и решив дека не сакам да ми помине така животот во седење. Случајно поминував со такси пред еден познат културен центар во Скопје во тој период и видов преубави луѓе, насмеани, собрани на тротоар по повод некој фин културен настан. Е, така решив дека сакам тоа да го работам. Им пишав мејл, нешто имаше и јагоди спомнато во тој мејл дека сакам, почнав таму, па потоа некако се собравме со намера да го заживееме и МКЦ и така сфатив дека тука припаѓам, во домов, во сферата. После сè се одврза како клопче.

Летово МКЦ беше и е најактивната институција во земјава, вашиот тим ја држеше културата жива во ова време. Што ве држи во кондиција?  
– Играта со ќерка ми Лена, трчањето и екстра ладното грч замрзнато пиво.

Тимот на МКЦ е доминантно машки. Како женската сила се снаоѓа во тој тим? Дали успевате да држите родов баланс и при дневното работење, онака како што успевате содржински да го одржите?
– Многу чудно, ама особено во МКЦ, некако не ги делиме обврските на машки и женски, секој си има свој дел од приказната. Често се случува и ние да бидеме дел од потешките, физички задачи, а многу често, исто така, се случува и мажите да доживеат тежок ПМС. Тоа е веројатно поради фактот дека премногу време сме заедно и премногу добро се знаеме, па веќе сме синрхонизирани.

Изгледате исполнето на секој настан што го организирате во МКЦ. Колку е важно да го сакаш тоа што го работиш? Што би им кажале на помладите девојки кои сакаат да се занимаваат со култура и промовирање на истата?
– По мене, пресудно е да го работиш она што го сакаш. Особено овде, во Македонија, што е и многу тешко да го добиеш. Јас на почетокот имав доста среќа, а потем со многу напори успеав да си ги реализирам и сопствените планови. Што би им препорачала на младите девојки? Да не слушаат совети од постарите, да тераат по своја интуиција, да работат напорно и да не се плашат од предизвици и секако, да не дозволат во ниеден контекст и ситуација, да бидат замолчени.

Јасмина Кантарџиева Димков

*Текстот е преземен од Слободен печат