ЗВУК УЛИЦЕ

08-11-2019
in Category: cinEmusic
ЗВУК УЛИЦЕ

ЗВУК УЛИЦЕ

8.11. 22:30 МКЦ

Бендот Звук Улице е основан во 1976 година во Белград.

Оригиналната постава ја сочинуваа: Кокан (Слободан) Поповиќ (тапани), Зденко Колар (бас, вокали), Влада Дивљан (гитара, вокали), Драгана Милковиќ (подоцна Драган Митриќ) (клавијатури), Бора Антиќ (саксофон), Ненад Моргенштерн (перкусии и вокали).

Следната година, започнува нивниот повеќемесечен ангажман на шестиот кат на познатата „Белграѓанка“, каде што во репертоарот составен од различни музички правци – Хендрикс, Битлси, Ролинг Стоунс, Боб Дилан, како и многу популарниот во тоа време џез-рок, и ја вметнаа и нетипичната нумера „Sheena Is a Punk Rocker“ од Рамонси, и со тоа покажаа слух за новата ера и музичките промени што наскоро ќе следат.

Паралелно со ангажманот во „Белграѓанка“ работеа и на авторски песни.

Покрај релативно многубројните локални (белградски) концерти, во 1978 година Звук Улице настапува на Гитаријада во Зајечар, како и на фестивалот „БУМ 78“ во Нови Сад (чија публика веќе ги знаеше од концертите во „Студио М“), и со серијата концерти во белградскиот СКЦ, како и повременото емитување на сесии во живо на Радио Белград, бендот се здобива со култен статус на втемелувач на новиот бран на белградската сцена, која сѐ повеќе растеше.

Должностите надвор од бендот предизвикаа негово расформирање, по што Влада Дивљан и Зденко Колар ги продолжија своите кариери во Идоли, каде што по отслужувањето на воениот рок им се придружува и Кокан Поповиќ.

38 години подоцна, Кокан Поповиќ, Влада Дивљан, Зденко Колар, Драгана Милковиќ и Бора Антиќ, дојдоа до идеја за повторно обединување на оригиналната постава на бендот, но ненадејната и прерана смрт на Дивљан, меѓу другото, ги спречи плановите за реактивирање на групата.

По повод 40-годишнината од постоењето Звук Улице повторно настапи на 25 март 2016 година на комеморативната изложба „Документарно сеќавање на Влада Дивљан“ („Пароброд“ – Белград).

Засилени со младешката снага на Милош Милосављевиќ (гитара) и Дуле Трнавец (саксофон), Кокан, Драгана и Зденко решија дека Звук Улице мора да живее. Бендот моментално е во студиото „Дигимедија“ на финализирање на нивниот нов албум во продукција на Која (Дисциплина Кичме).