За „КУД Идијоти“ сè напишав во книгата „Живот с иди(ј)отима“

06-11-2019
in Category: Вести
За „КУД Идијоти“ сè напишав во книгата „Живот с иди(ј)отима“

За „КУД Идијоти“ сè напишав во книгата „Живот с иди(ј)отима“

Книгата ја напишав затоа што сфатив дека една епоха дефинитивно е готова. Туста не напушти и со неговото заминување исчезна било-каква шанса „КУД Идијоти“ повеќе да постојат во било која форма, вели Ненад Марјановиќ – д-р Фриц, поранешен басист на култниот бенд „КУД Идијоти“.

Вечерва во МКЦ, со почеток во 20.30 часот, во рамките на придружната програма на 18.издание на Синедејс, ќе се случува промоција на книгата „Живот с иди(ј)отима“ (Život s idi(j)otima), автобиографска приказна на поранешниот басист на култниот панк бенд КУД Идијоти, Ненад Марјановиќ – д-р Фриц.

Книгата го опфаќа дискографски најпродуктивниот дел од кариерата на бендот, кој во текот на воените години се здоби со култен статус низ целиот Балкан, а антивоениот став и нескриен антифашизам ги рангираа „КУД Идијоти“ меѓу иконите на урбаната левица во овој дел од Европа.

-Книгата ја напишав затоа што сфатив дека една епоха дефинитивно е готова. Туста не напушти и со неговото заминување исчезна било-каква шанса „КУД Идијоти“ повеќе да постојат во било каква форма, вели Ненад Марјановиќ – д-р Фриц.

„Живот с иди(ј)отима“ е искрена и емотивна приказна за Пула, Истра, љубов, омраза, крај на еден систем и воспоставување на нов, крај на една и воспоставување на друга држава.

– Со пишување се занимавам од кога знам за себе, беше логично да напишам книга и некако да ја заокружам таа приказна за Куд Идијоти. Сè напишав, има можеби уште простор да се напише нешто повеќе за Туста и нашето влијание на бендовите во поранешна Југославија, но тоа ќе го одлучам кога ќе ја завршам оваа епизода, на пола пат сум со промоциите, – додава авторот.

Ненад Марјановиќ – д-р Фриц е новинар и коментатор на истарскиот портал „Regional Express“, уредник и водител на сатиричното телевизиско шоу „Систематски преглед“ и двигател и сопственик на истарската „Рок галерија“. Роден е во Пула во 1964 година.