ТОШО ФИЛИПОВСКИ – ДЈ-СЕТ

12-11-2019
in Category: cinEmusic
ТОШО ФИЛИПОВСКИ – ДЈ-СЕТ

ТОШО ФИЛИПОВСКИ – ДЈ-СЕТ

12.11. 23:00 МКЦ

Тошо Филиповски повеќе од триесет години е активен и пасиониран собирач на музички артефакти, изданија и на информации за македонската рок-сцена. Во последните десет години активно работи на создавање услови за отворање рок-музеј, односно центар за истражување, архивирање и промовирање на македонската рок-музика.

Низ годините активно работи на развојот и популаризацијата на македонската пред сѐ андерграунд музика, најпрвин во Центарот за изведувачки уметности „Мултимедиа“, а подоцна и во „Литиум Рекордс“, како промотер на музичките настани во организација на издавачката куќа. Бил водител на повеќе култни радио и тв-емисии, меѓу кои и авторската „Досие“ на ТВ Сител. Од 1994 до 2011 година, неговата издавачка куќа „Корпус Деликти Рекордс“ објавува десетина касети и цедеа на македонски бендови. Во 2019 година започнува со објавување на грамофонски плочи, компилации и самостојни албуми. Од 1992 до 2001 година е организатор на пет изданија на музичкиот „Underground Festival“, единствениот таков интернационален фестивал во Македонија во тој период. Сè до 2009 година, промовира и многубројни концерти на домашни и странски панк и хардкор бендови.

Тошо Филиповски е автор на капиталното дело за македонската култура „Македонска Рок Енциклопедија 1963 – 2018, Прв Том“, објавено во мај 2018 година, а четиринаесет месеци подоцна (јули 2019) објави уште едно исто толку капитално дело, Монографијата „Македонска Дискографија – Винили (1958 – 2019), Прв Том“.