ROGER ENO

14-11-2019
in Category: cinEmusic
ROGER ENO

ROGER ENO

14.11. 23:00 МКЦ

Роџер Ино, номиниран за наградата БАФТА, кариерата ја започнува работејќи со својот брат Брајан на саундтракот за филмот „Дина“ на Дејвид Линч, а неговата музика подоцна се јавува и во филмови како повеќекратно наградуваниот „Треинспотинг“ на Дени Бојл, „Девет и пол недели“ на Адријан Лин и „Лудачка кошула“ на Џон Мејбери.

Бидејќи уште од рано решава да се фокусира на музика што создава атмосфера, наместо музика што доминира, делата на Роџер Ино важат за совршена „позадина“ за визуелни уметности, за што сведочи неговата работа во театар, каде што сер Тревор Нан го одбира да компонира музика за извонредната продукција на „Предавство“ на Харолд Пинтер во лондонскиот Кралски национален театар.

Во неговите инсталации користи една уникатна и релативно едноставна алеаторична композициска техника којашто создава променлива музичка текстура. Тоа се состои од препуштање на случајноста и… да не откриваме премногу… Со такви дела се има претставено во британската галерија „Тејт“, на Фринџ фестивал во Олдборо, во Словачка и Австрија, во Ноќниот музеј во Источна Англија, како и во разни изолирани средновековни цркви.

Како соло изведувач, Роџер има настапувано во својата родна Британија, како и низ Европа, САД и Јапонија. Локациите се најразлични, од пештери во Ланцароте, шатори на врнежливи англиски фестивали, неговиот локален театар и во концертната сала „Квин Елизабет“.

Сцената ја има делено со бројни славни музичари, како Лу Рид, Џарвис Кокер, Мејси Греј, Шејн Мекгован, Мериен Фејтфул и Бек. Има снимано со Дејвид Гилмор, Питер Хамил и Тим Робинс, за кого работи како музички режисер на турнеи.

Покрај музиката, Роџер Ино е голем љубител на поезија, историја, готска архитектура и ликовна уметност.

Исто така сака пиво, шеги и да го вози својот мотоцикл. Многу.