Овде живеат млади и напредни луѓе

06-11-2019
in Category: Вести
Овде живеат млади и напредни луѓе

Овде живеат млади и напредни луѓе

„Прикажав интересни агли од градот и нашата држава. Мислам дека македонската филмска уметност изобилува со извоз на беда, која, за жал, добро се продава на Запад, но зошто да се фокусираме само на тој аспект? Мислам дека е време да се ребрендираме и да прикажеме дека овде живеат млади и напредни луѓе“, рече режисерот Борјан Зафировски, запрашан токму за прикажаната посветла визија за Скопје и нашата држава во филмот.

Со урбаната скопска приказна за студентката Леа и нејзината потрага по среќа насловена „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски синоќа започна 18. Меѓународен фестивал на европски филм CINEDAYS, на кој до 15 ноември скопската публика ќе има можност да ги види најактуелните остварувања од европските фестивали, како и најновите од македонската кинематографија, да се потсети на култните филмови на британската комична трупа Монти Пајтон, да ужива во музичката филмска и концертна програма, како и да открие некоја нова филмска надеж во рамки на официјалните фестивалски програми за дебитански филмови.
Премиерата на македонскиот филм кој го отвори CINEDAYS, се одржа во киното Милениум, а пред фестивалската публика на крајот од проекцијата, покрај режисерот, се поклони и дел од актерската екипа која ја сочинуваа: Дејана Попоска, Сашко Коцев, Ана Стојановска, Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски, Мими Таневска.
Дали можеме да ги гледаме работите од посветол агол, дали нашата среќа може да има влијание и да ги ‘зарази’ и другите, дали можеме нешто да направиме со моќта на позитивното мислење се можеби дел од прашањата кои се поставуваат во ова остварување кое остави гледачот да одлучи дали човек треба да се поведе по Вертер-ефектот или по ‘ефектот на среќа’.
Филмот кој прикажува неколку месеци од животот на младата девојка Леа, кога таа се соочува со неизлечива болест, пред извесната смрт, како и нејзиниот начин на борба со настанатата ситуација, на публиката ѝ донесе едно визуелно и музичко освежување, прикажувајќи го урбано Скопје преку една посветла визија.

Вакво Скопје посакувам, но и некогаш вака го доживувам. Прикажав интересни агли од градот и нашата држава. Мислам дека македонската филмска уметност изобилува со извоз на беда, која, за жал, добро се продава на Запад, но зошто да се фокусираме само на тој аспект? Мислам дека е време да се ребрендираме и да прикажеме дека овде живеат млади и напредни луѓе“, рече режисерот Зафировски запрашан токму за прикажаната визија за Скопје на филмот.

Инаку, сценариото на „Ефектот на среќа“ го потпишуваат режисерот, Дејан Дуковски и Огнен Георгиевски, кинематографер е Димо Попов, монтажата е на Андрија Зафрановиќ, музиката на Огнен Атанасовски, а продуцент е Сашо Пешев.

(Н.И.Т.)

*Тесктот е преземен од Вечер