НАГРАДЕНИТЕ ТЕКСТОВИ ОД КОНКУРСОТ ЗА ФИЛМСКА КРИТИКА

НАГРАДЕНИТЕ ТЕКСТОВИ ОД КОНКУРСОТ ЗА ФИЛМСКА КРИТИКА

ноември 21, 2017
во Категорија: cinedays2017, Вести
1780 2
НАГРАДЕНИТЕ ТЕКСТОВИ ОД КОНКУРСОТ ЗА ФИЛМСКА КРИТИКА

Жирито во состав Влатко Галевски, Елена Димитровска и Златко Ѓелески ги прогласи наградите на конкурсот за филмска критика.

Третата награда му беше доделена на Сашо Пшенко за текстот „Родители“, а образложението на жирито е: „Текстот на Сашо Пшенко се одликува со искреност, едноставност и прецизност, успевајќи во зададената форма на мини-критика да ги опфати позначајните аспекти на филмот „Родители“, без притоа да инсистира на академски јазик во филмскиот осврт“.

РОДИТЕЛИ без смисла за хумор(FORÆLDRE/ Christian Tafdrup)

Навистина е штета една релативно креативна идеја, како онаа на Кристијан Тафдруп(Christian Tafdrup), да биде потрошена на неинспиративен филм како РОДИТЕЛИ. Земајќи предвид дека станува збор за режисерско и сценаристичко деби на авторот, секако, би можеле да очекуваме да се соочиме со несовршено филмско остварување, но тоа што тој ни го нуди е една разочарувачки бледа и тонски неконзистентна прошетка низ некој домен, кој е на половина пат меѓу неговиот сон и неговата реалност. За почеток, нелогично е еден филм со волку нетипична и „шашава“ премиса(средовечни сопруг и сопруга едно утро се будат 30 години помлади) да се сфаќа себеси толку сериозно. Секако, разбирливо е тој да сака да ја долови тагата и изгубеноста на родителите во моментот кога синот ќе го напушти домот, а потоа и нивниот носталгичен однос кон изгубената младост, но решенијата што Тафдруп ги нуди за едни вакви секојдневни проблеми, сугерираат дека во неговите очи природниот тек на животот е тешка трагедија, која, во рамките на овој филм, не е способна да ги забележи ни длабоките хумористични импликации што ги носи во сопствениот текст. Соодветно на ова, присуството на мачна музика, или нејзиното долго отсуство, проследено со минималистичките кадри, предолги и преобременети во споредба со нивната содржина и, конечно, развојот на настаните во третиот (и последен) сегмент од филмот, оставаат впечаток како да сакаат да ја убедат публиката дека тоа што го гледа, колку и да потсетува на комедија, е всушност целосна спротивност на тоа. Далеку од тоа дека филмот нема свои добри аспекти – гледани партикуларно, сите негови составни елементи се и повеќе од издржани, па така, кинематографски, тој делува богато и современо, а музичката заднина, колку и да е некомпатибилна со она што е на големото платно, засебно е целосно коректна и сугестивна. Глумата, особено онаа на Сорен Малинг и Бодил Јоргенсен, кои ја толкуваат брачната двојка во поодминати години, е воодушевувачка и, очигледно, резултат на долгогодишно искуство и професионалност. Но, овие нешта не се доволни за да го спасат првенчето на Тафдруп. Некаде до половината на филмот, гледачите можеби и се надеваат на тоа дека она што го гледаат е една остроумна пародија на сопствениот сериозен пристап кон тематиката, но во моментот кога на сцена стапуваат фројдовските, инцестуозни мотиви, за кои самиот режисер изјавува дека не се референци, туку несвесни инспирации(!?), а и посебно во последната сцена, во која таткото го исфрла синот надвор за тој и сопругата конечно да се ослободат од нејзиниот „љубовник“, впечатоците за штотуку изгледаното се судираат меѓу себе како хаотична бомба. Тафдруп тврди дека се обидел да го претстави филмот како надреално парче, делумно бидејќи бил базиран на негов сон, но спојот на надреалните моменти(како недостатокот од разговор и чудење по трансформацијата на Кјелд и Вибеке и аферата што таа ја развива со синот, придружени со, ако тоа може да се нарече надреално, еднодимензионалноста на ликовите на Вибеке и Есбен и апсолутната контрадикторност на ликот на Кјелд, кој очигледно го менува карактерот заедно со актерот што го портретира) и оние референцијалните е толку несмасен и невешто остварен, што наместо крајниот продукт да делува магично, или иновативно, делува чудно и невкусно. Се гледа дека авторот се обидел да го оправда и осовремени филмот со внесување на некои кинематографски техники кои се навистина често застапени во европските филмови од последните неколку години, како вметнувањето на празни кадри, додека ликовите зборуваат некаде надвор од видното поле, или предолгото задржување на нивните лица додека џвакаат храна, или пак острите пресеци, молчењето и минималистичкиот дијалог, но, за жал, безуспешно. Можеме само да се надеваме дека неговото следно дело ќе биде помалку повлијаено од претенциозна афективност и малку повеќе од зрел режисерски и објективен поглед на свет.
Сашо Пшенко

Втората награда му беше доделена на Максим Осман-Николов, со образложение на жирито: „Главниот фокус на анализата во рецензиите на Максим Осман-Николов е насочен кон социо-економските превирања во кои се впрегнати филмските ликови. Тој успешно ги посочува поривите на единките кои се наоѓаат во спрега помеѓу општествените норми и сопствената отуѓеност. Во неговите текстови демонстрираше способност да биде буден набљудувач на патешествието на ликовите, за јасно, искрено и детално да ги истакне нивните емоционални својства, за време на нивните најголеми подеми и падови“.

За животот во светата земја во XXI век

„Свет воздух“ е филм режиран и напишан од Shady Srour во кој тој самиот ја игра една од главните улоги. Филмот го следи животот на Адам и неговата сопруга Ламиа, преку кој ги прикажува економските и културните услови во светата земја Назарет во XXI век и нивното влијание врз еден млад прогресивен пар. Адам како млад бил активен заедно со неговиот пријател Махмуд во комунистичката партија и искрено верувал во социјализмот и обединувањето на работничката класа додека неговата сопруга Ламиа отвпрено се залага за женските права и улогата на жената во општеството. Сепак светот во кој живеат, а особено нивното блиско опкружување е во целосен судир со животот кој тие сакаат да го водат. Најголемиот настан кој го менува нивниот живот е забременувањето на Ламиа и идејата за имање на дете во една таква средина. Чин кој што треба да предизвика безрезервна радост, наместо тоа проследен со грижа и несигурнпст. Преку Адам се запознаваме со несигурноста и стравот кои потекнуваат од економската состојба на родителите низ чие истражување во филмот го истражуваме пошироко економскиот систем и неговото влијание. Економскиот систем каде степенот на образование и квалитетот се помалку важни од социо-политичката поврзаност и каде етно-религискиот идентитет е она што е важно за привлекување на муштерии. Ламиа од друга страна не потсетува на социјалната состојба на светот кој треба да го пречека овој нов живот преку нејзината борба против табу темите како женската сексуалност, положбата на жените во зедницата во однос на мажот и комерцијализацијата дури и на љубовта преку празникот св. Валентин од капиталистишкото општество. Соочен со поразот на идеите во кои верувал во младоста, низ потрагата на Адам по финансиски успех тој е принуден да соработува со мафијата, црквата и владата (министерството за туризам) притоа користејки ги фанатичните религиски чувства на туристите за да го пласира својот продукт – свет воздух од Планината на Скокот. Иако од една страна за самиот продукт може целосно да се примени изреката „продавање магла“ од друга страна тој поради својата невидлива и неосетна природа како што вели и Адам е најблиску до она по што доаѓаат туристите-ачии – духовно искуство, наспроти популарната света вода. Ламиа од друга страна е скршена од религиозно-етничките тензии на општеството и страдањето на луѓето во конфликтите предизвикани од нив, особено на децата, соочувајки се со емоционална криза неможејќи да се радува на новиот живот кој треба да го донесе во еден ваков суров свет. И покрај нивното двоумење парот се наоѓа пред очекувањата на конзервативното општество прикажано преку таткото на Адам кој му дава совети како да направи машко дете и државата Израел која им го одзема правото на избор во однос на ова прашање преку тоа што ги присилува да ги дадат своите причини за абортус пред комисија која и самата е растргната од политичко-етничките мотиви на нејзините членови. Низ различните патешествија се соочуваме и со емоционалната тензија која е предизвикана од едно вакво општество не само во семејството при одлучувањето дали да се има дете или не туку и надвор од него на улиците – преку честите терористички напади и избувнувањето на луѓето за мали нешта како возачот кој го напаѓа Адам со сабја но и преку самиот Адам кој возвраќа на нападот со исто ниво на агресија, плод на инстинктот за уништување разбуден во него од неговата индивидуална немоќ. Ова е истиот инстинкт кој како што вели Ламиа се заканува да го уништи и плодот на нивната љубов. Згора на сѐ ова борбата на таткото на Адам со ракот и разговорите помеѓу него и својот син директно нѐ потсетуваат на егзистенцијалните прашања поврзани со целта на животот, животните радости и имањето контрола врз својата судбина. Свет Воздух е навистина еден сеопфатен филм кој успева да обработи голема палета на теми поврзани со родовата припадност и сексуалноста, изборот да се има дете и тешкотиите поврзани со тоа во денешното општество, етничките и религиозните чувства, економскиот успех и неговата условеност од средината и „големците“ без чиј амин не се успева на пазарот. Изборот на ликовите преку кој се разгледуваат овие теми а особено и самата локација која изобилува со нестабилност уште повеќе помагаат во прикажувањето на испреплетеноста и поврзаноста на овие проблеми. И покрај сериозните теми кои се обработени филмот често и успешно инкорпорира комични елементи кои не одземаат од сериозноста на темите кои се обработуваат но во исто време и не дозволуваат преголемата сериозност на темите да предизвика чувство на депресија и безнадежност кај публиката, наместо тоа трансформирајќи го филмот во едно пријатно, возбудливо и поучно уметнишко дело конкретно за проблемите на локалното население во Назарет кое често е игнорирано од туристите, но и за луѓето пошироко. Во овој дух и самиот крај на филмот не остава со една соодветна порака упатена кон целиот овој општествен метеж во форма на физиолошко олеснување врз „светата земја“ од страна на нејзиниот нов жител – плод на љубовта непоразена од него.
Максим Осман-Николов