Мастерклас на Стив Абот

14-11-2019
in Category: Придружна Програма
Мастерклас на Стив Абот

Мастерклас на Стив Абот

Филмски продуцент, Монти Пајтон, Рибата наречена Ванда


14.11. 13:00 МКЦ

Стив Абот е роден на 28 јули, 1954 година во Бредфорд, Јоркшир, и работи на филмови и телевизија уште од 1979, на почетокот со HandMade Films, а подоцна со Mayday Management, Prominent Features и Prominent Television. Од 1979 до 1997 тој и неговата бизнис партнерка Ен Џејмс ги менаџираат Монти Пајтон. Токму со Џон Клис, Тери Гилијам, Ерик Ајдл, Тери Џонс и Мајкл Палин ги основаат Prominent Features и Prominent Television. Продукцијата Prominent Features има освоено награди низ светот, вклучувајќи Оскар, Цезар и неколку БАФТА награди. Продуцент е на повеќе филмови, меѓу кои и „Рибата наречена Ванда“, „Американски пријатели“, „Портирот е виновен за сѐ“, „Аматери“ и „Диви суштества“.
Стив е соработник на Институтот за овластени сметководители и Кралското здружение за уметност. Станува почесен доктор на науки при Универзитетот во Бредфорд во 1998 година и почесен соработник на колеџот Бредфорд во 2012 година и има магистрирано на Универзитетот во Кембриџ, каде што бил стипендист на катедрата за математика. НБ Бредфорд е збратимен со Скопје. Битола е еден од 12-те града за филм на УНЕСКО, кои се приклучија на Бредфорд во мрежата.

Чест ми е што сум поканет на 18. CINEDAYS посебно затоа што годинава ја одбележува педесетгодишнината од Монти Пајтон. Кога „Летечкиот циркус“ беше прикажан по прв пат на Би-Би-Си во 1969 година, веднаш станав фан. Во тоа време сѐ уште бев на училиште и никогаш не бев помислил дека би можел да ги запознаам, а камо ли пак да работам со моите херои. Патот дотаму ми беше, благо речено, неконвенционален. Додека студирав математика на Камбриџ, доста време трошев на гледање филмови (по неколку на ден) и имав амбиции да работам во филмската индустрија.

Па така, се преселив во Лондон во 1976 година и се приклучив на „Price Waterhouse“ за да стекнам професионални квалификации. Истиот ден кога ги стекнав, успеав да добијам работа во „HandMade Films“, која беше основана од Џорџ Харисон за да се сними „Животот на Брајан“. Месецов навршуваат 40 години откако почнав да работам таму (1 ноември 1979), и повеќето луѓе ќе кажат дека оттогаш сум немал вистинска работа.

Во текот на овие 40 години од мојата кариера имам работено со некои или со сите Монти Пајтонци, живеено и работено во Холивуд, како и патувано низ светот на поголеми филмски фестивали и настани. Со нетрпение чекам да одговарам на прашањата на публиката на CINEDAYS за мојата работа и искуства.

Благодарам на поканата.

Стив Абот