Луна Шкопеља, клавијатуристка во „Деца из воде“

Луна Шкопеља, клавијатуристка во „Деца из воде“

ноември 19, 2018
во Категорија: cinedays2018, Вести
1976 1
Луна Шкопеља, клавијатуристка во „Деца из воде“

„Маги (ЕКВ) ја сметам за моја професорка по клавијатури“

Луна Шкопеља (24) е девојката зад клавијатурите во трибјут-бендот на ЕКВ – „Деца из воде“. Младата белграѓанка по професија е музичка продуцентка, вљубеничка во клавијатурите како инструмент и страсен фан на музиката на „Екатерина Велика“. Нејзината улога во проект бендот „Деца из воде“ е да го свири она што некогаш го создавала Маргита Стефановиќ-Маги.

Вели дека внимателно го простудирала начинот на свирење на Маги и ја смета неа како нејзина професорка по музика.

Интересен податок е дека Маги била нивни семеен пријател, а одреден период престојувала во нивниот дом. Иако Луна била многу мала и не го памети многу добро тој период, приказните за Маги ѝ се едни од омилените.

Групата „Деца из воде“ во петокот настапи во Младинскиот културен центар, во рамките на музичката програма на фестивалот за европски филм „CINEDAYS“.

Покрај ангажманот во овој бенд, Луна свири и во други два бенда „Бабе“ и „Роги“, а напоредно подготвува и свој соло материјал.

Ова беше нивни четврти настап во Скопје, а непосредно пред концертот со Луна поразговаравме за нејзиниот влог во оваа приказна.

Музиката на ЕКВ има силно влијание во регионов. Ја имаш улогата на Маги, верувам дека е голема одговорноста да се износи тоа…

– Во одреден дел ја прифаќам улогата на Маги, но од друга страна не ја набљудувам во детали, во смисла дека треба да се однесувам како неа. Израснав во музичко семејство и кога на 15 години почнав да свирам по бендови, ЕКВ ми беше најважниот бенд кој најмногу сакав да го слушам. Така што Маги секогаш ја доживував како моја професорка по клавијатури. Многу сакав да го истражувам нејзиниот стил на свирење. И, ете, сега се најдов во ситуација да имам шанса преку овој бенд и понатаму да го истражувам нејзиниот стил на свирење.

Освен што публиката ви дава позитивен фидбек за тоа што го правите, и стручната јавност добро ве оценува. Во биографијата за Маги, која е напишана од Душан Весиќ, се споменува токму овој трибјут-бенд, дека е естетски е најпрецизен до ЕКВ.

– Пред да му се приклучам на бендот, неговиот звук беше гаражен, тврд и звучеше навистина рокенролски. Со моето доаѓање, увидов дека веројатно треба да го изнесам она што Маги го направила во еден машки бенд. Тоа е целосната женска димензија која прави контраст. Маги создавала посебен амбиент околу целата приказна.

Имате поддршка и од Срѓан Тодоровиќ, кој беше тапанар во ЕКВ. Поголема ли е одговорноста кога настапувате со него?

– Навистина ни е голема чест што свиревме и со Бошко Станојевиќ-Боле, последниот басист на ЕКВ, подоцна и со тапанот Иван Ранковиќ-Рака, а сега и со Срѓан (Жика). Со секој од нив беше различно, и имавме можност да ја видиме приказна од повеќе агли, од различни перспективи. Во случајот со Жика, навистина чувството е посебно, затоа што изгледа дека нему навистина му е важно сето ова и чувствувам дека му се допаѓа тоа што го правиме. На една свирка во Белград, во еден момент, почувствував како некој само да ги пуштил тапаните во заднина. Тогаш си помислив: Навистина свирам во ЕКВ.

Споделил ли некакви забелешки Срѓан со вас во однос на свирењето?

Со самото тоа што прифати да свири со нас, мислам дека доволно кажува дека му се допаѓа ова што го правиме. Сметам дека тој е оној што ни го пренесува тоа дека и на останатите членови на ЕКВ, кои не се повеќе живи, ќе им се допаднеше ова. Од таа точка тргнуваме и ние, бидејќи сме навистина големи фанови на ЕКВ. Секој од нас учел да го свири својот инструмент преку нивните песни, а сега веќе тоа некој го препознава. Нашата мисија е да потсетуваме на нивните песни, да шириме љубов и да ги сочуваме од заборав.

Имаш и приватна конекција со Маргита, за што станува збор?

– Маги беше семејна пријателка, која соработувала со моите родители. Знам дека свирела на песната „Адио стрес“ од групата „Бабе“, каде што мојот татко Дејан Шкопеља е басист. Не сум точно сигурна што друго снимале заедно, но знам дека тоа се случувало за време на бомбардирањето. Знам дека тоа е период кога целата белградска музичка сцена се споила и правела заеднички песни. Во тој период, всушност, Маги и престојувала кај нас, но и кај мојата тетка. Јас на тоа не се сеќавам, но знам дека почнав да ја слушам групата ЕКВ бидејќи тетка ми многу ми зборуваше за неа. Ја имав неа како некој спомен, па слушајќи ги песните почнав да се заљубувам во групата.

Ивана Настеска

Фото: Соња Ставрова, CINEDAYS