„Long play – zabeleške u vremenu“

13-11-2019
in Category: Придружна Програма
„Long play – zabeleške u vremenu“

„Long play – zabeleške u vremenu“

Борислав Пешиќ Благоја, промоција на книга


13.11. 21:30 МКЦ

Книгата „Long play – zabeleške u vremenu“ е фотомонографија, која содржи 1332 портрети на 333 регионални музичари што твореле во периодот помеѓу 1950-2000 година. Жанровски најзастапени се рок музичарите, а на страниците на книгата ќе ги препознаете и великаните на поп музиката од овој регион, како и некои снажни ликови од џез и блуз сцената. Книгата е во формат на грамофонска плоча во ексклузивно пакување со кутија. Печатена е на три вида хартија во две различни техники и треба да се најде на колекционерските полици опкружена со музика од плочите на уметниците опфатени во неа. На речиси 400 страници може да прочитате и биографии со интересни „цртички од животот“ на музичарите со кои растеле генерациите од регионов.

Авторот на оваа голема книга-портрет е белградскиот фотограф и дизајнер Борислав Пешиќ Благоја. Книгата ја создавал цели шест и пол години патувајќи низ регионот со една црна шанк столица и подвижно фотостудио. На таа столица седнале сите учесници во оваа монографија и столицата стана еден вид неопходен реквизит заедно со инструментите со кои музичарите се фотографирале.

Предговорите се напишани од реномирани познавачи на музика: Белград – Петар Јањатовиќ (рок критичар, новинар, публицист), Загреб – Синиша Шкарица (рок музичар, публицист), Љубљана – Грега Томц (рок автор, публицист). Завршната реч е на Владо Симчиќ Вава (рок музичар и писател). Како своевидно патување низ книгата, авторот напишал вовед од лична перспектива за радостите и маките за време на создавањето на овие портрети.

Појдовна идеја/точка на оваа книга е преку текстови и фотографии на оригинален начин детално да се долови богатата заедничка музичка историја. Така се предлага тезата дека музиката повторно ги обединува овие простори и дека на тој начин се избришани границите.

Промоциите по региони почнуваат од Загреб на 10.10. во Творница културе, па следат Риека 12.10. Ривер паб, Белград 31.10. Дорчол Плац, Нови Сад 07.10. Фирчи Тинк Тенк студио, Скопје 13.10. МКЦ.

 

Борислав Пешиќ Благоја е роден во април 1973 година на белградскиот асфалт, кој го гази и ден денес. Своите чекори ги шири кон градовите од регионот и таму запознава луѓе со кои планира да го помине животот. Пушта корени во Загреб благодарение на пријателите, па сега постојано лета на немирниот ветер помеѓу овие два асфалта. Во Скопје сè уште нема корени, но има пријатели, па затоа планира да пушти. Затоа што сонцето и храната, покрај пријателите, се прекрасна работа. Има доаѓано и ќе продолжи да доаѓа.

Започнува како графичар, расте како дизајнер, порасна како фотограф. Во одреден момент ги спојува сите три основи во една со која се занимава и ден денес. Како и да се вика. А тој ја нарекува „љубов“… Затоа што не ја бираш ти, туку таа тебе. Повеќето од работите што ги знае ги има научено на почетокот на деведесеттите години на минатиот век кај „газда Милисав во печатницата“. Подоцна знаењата ги дополнува во приватно училиште за фотографија и работи на себе. И нема намера да се повлече. Жали што не „бркал факултет“ за уметност. Во тие години „бркал“ само кошарка и музика, затоа што само тоа можел, така што не жали толку многу.

Има направено единаесет самостојни изложби на фотографии, засега само во Белград, па планира и сака да ја премине линијата. Има направено безброј дизајни, и големи и мали. Има соработувано со големи компании, но секогаш му се подраги малите. Обожава големи патувања во мали градови.

Се труди да биде отворен кон различностите, бидејќи смета дека токму во тоа е убавината на сите нас, кои во овој краток момент го делиме животот на планетата.

Ги сака луѓето, сака да пие пиво, сака насмевки. Има пријатели. Сега има и книга… Сака да живее.

Погледнете како авторот гледа на својата работа на линкот:

Може да погледнете и неколку промо видеа што го прикажуваат дизајнот и изгледот на монографијата на Youtube каналот „Long play book“.

Петар Јанатовиќ

Горан Бреговиќ

Давор Гобац (Психомодопоп)

Bernays Propaganda