Интервју со актерката Верица Недеска

Интервју со актерката Верица Недеска

ноември 9, 2018
во Категорија: cinedays2018, Вести
1859 0
Интервју со актерката Верица Недеска

Женското писмо е нов тренд во европскиот филм

Таа е Јамила во „Трето полувреме“, Мирјана во „Караула“, Оливера во „Големата вода“, а ќе биде и уште многу маркантни ликови од домашната и регионалната филмска продукција. Личниот и професионален живот веќе 15 години и е лоциран во Прага, иако неретко предизвиците ја враќаат „дома“, како овој последниот, член на жири комисија на Официјалната селекција на престојниот меѓународен фестивал на европски филм „CINEDAYS“. Верица Недеска.

Летово го снимавте вашиот краток филм „Вера“, кој отвара едно морално прашање за еутаназијата и за преземањето одговорност како индивидуа, до каде сте со него?

– Филмот со работен наслов „Вера“, во моментов е во фаза на готова слика и почнува процесот на работа на звукот. Ни претстои саунд миксот и колор корекцијата. Значи полека, но сигурно се ближиме кон крајот.

Досега имате работено со звучни регионални имиња (н.з. Рајко Грлиќ, Дамјан Козоле, Иво Трајков, Дарко Митревски…), што ве поттикна да се „нафатите“ за режија? Што тие режисери не успеаа да го направат, па ве испровоцира вие да влезете во таа улога?

– Имав среќа да работам со едни од најдобрите режисери од регионов, за што сум неизмерно благодарна. Глумата е мојата примарна професија и во неа се чувствувам како риба во вода. Што се однесува до мојот режисерски обид, не се темели на некакво си незадоволство од искуствата како глумица, туку како еден логичен след на околностите во кои се најдов и потребата и самата авторски да се изразам и да проговорам за теми кои сметам дека се важни и за кои вреди да се зборува.

Последните години се профилиравте како филмска актерка, ви недостасува ли театарот?

– Се разбира. Театарот и непосредниот контакт со публиката се нешто што силно ми недостасува и искрено се надевам дека што поскоро ќе имам прилика да му се вратам.

Повод за вашето доаѓање е „CINEDAYS“, меѓународниот фестивал на европски филм, а годинава сте член на жирито во Официјалната селекција. Каква е селекцијата?

– Сметам дека овогодишната селекција на главната програма на фестивалот е исклучително силна и со нетрпение очекувам фестивалот да почне.

Дали ги следите европските продукции? Какви тенденции се препознаваат?

– Би рекла дека актуелните теми на денешницата се нешто што го турка новиот европски филм напред. Да се раскажува локално, но да се делува глобално. Во време кога вниманието на просечен гледач е 30 секунди, филмот го има тој ”луксуз” да има барем 15 или дури 90 минути да пренесе важни теми и да предизвика внимание. Морам да истакнам дека препознатлив е новиот тренд на промовирање на женското писмо што сметам дека ќе го обележи новиот европски филм.

Се развивавте во Македонија во еден мал културен пејзаж, а сега живеете и работите во културно живописната Чешка. Дали успеавте да се профилирате на тој простор?

– Мојата преселба и живот во Чешка ме поместија во една нова фаза и како човек и како професионалец. Живеењето тука ме натера да откријам и некои други интереси и таленти кај себе. Себе промоцијата никогаш не ми била силна страна, но креативниот набој кој ме движи напред, ме натера да го откријам пишувањето, режијата, музиката, како одличен начин на изразување. Новиот свет го отвори пазарот, но со тоа и конкуренцијата порасна. Денеска, би рекла границите на пазарот не се така дефинирани како пред 15 години кога се иселив. Чешкиот простор ми е сė уште предизвик исто како и македонскиот. Мотивот да се оди напред е сė уште присутен.

Каде во вашиот живот е границата на филмот и реалниот живот (н.з. бидејќи се во брак со режисерот Иво Трајков)?

– Филмот е само имитација на реалноста. Да се занимаваш со оваа професија, би рекла, потребно е да си психички силен човек. За среќа и јас и Иво сме луѓе што знаеме да поставиме граница помеѓу филмот и реалниот живот и без разлика што филмот е сеприсутен и во нашата реалност, ја негуваме таа граница. Просто, уметност на живеењето.

Што е за вас во моментов актуелно, во вашата кариера?

– Во моментов сум фокусирана на финиширање на мојот краток филм. Во месец јануари ме чекаат уште неколку дена снимање во филмот „Некрстени денови“, кој е во фаза на продукција. Паралелно работам на последната верзија на моето прво сценарио за долгометражен игран филм, а на повидок е уште една соработка каде ќе се потпишам како косценарист.

radar.mk