CINEDAYS 2017

CINEDAYS 2017

ноември 3, 2017
во Категорија: cinedays2017, Вести
1470 1
CINEDAYS 2017

Драги наши,

Со огромно задоволство Ве известуваме дека во периодот од 9 до 19 ноември 2017 година, во организација на Младинскиот културен центар ќе се одржи шеснаесеттото издание на МЕЃУНАРОДНИОТ ФЕСТИВАЛ НА ЕВРОПСКИ ФИЛМ – CINEDAYS, кој и оваа година како и сите претходни,  ќе се обиде да го задоволи изградениот вкус на својата многубројна и верна публика…Скопска линија, европска вожња… или зошто омилената станица во Скопје е токму фестивалот CINEDAYS.

Годинешниот CINEDAYS нуди филмови што „гравитираат“ во неколку веќе познати програмски целини: Официјална селекција, CineBalkan, Гала програма, Музички документарци, Шведски филмови, МК-Кратки филмови, CINEDAYS+, Студентска програма, Детска програма и богата придружна програма од работилници и музички настани.

ГАЛА програмата и оваа година изобилува со врвни режисерски имиња и наградувани филмови на фестивалите во Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам… Од вкупно 20 филмови во ГАЛА програмата, љубителите на европскиот филм ќе можат да ги погледнат „Среќен крај“ на Мајкл Ханеке, „Од никаде“ на Фатих Акин, „24 кадри“ од Абас Киаростами (воедно и неговиот последен филм), „Убиството на светиот елен“ од Јоргос Лантимос, „Двојниот љубовник“ на Франсоа Озон и „Мојот Годар“ на Мајкл Хазанавициус, кои се дел и од специјалната програма „Француски прозорец кон светот“ во соработка со Францускиот културен центар во Скопје, „Мајка“ на Дарен Аронофски, „Субурбикон“ на Џорџ Клуни, „Другата страна на надежта“ од Аки Каурисмаки, документарниот филм „Гледај и чуди сe: Соништа за поврзан свет“ од Вернер Херцог, и многу други наслови, кои буквално ги ‘собраа’ сите европски и светски филмски награди.

Со особена чест би сакале да ја издвоиме премиерата на филмот „Пченица“ на култниот турски режисер Семи Капланоглу, кој воедно ќе биде и почесен гостин на фестивалот за премиерата, но и како Претседател на жирито во Официјалната селекција.

Во контекст на истото, со гордост ја најавуваме и долгоочекуваната македонска премиера на филмот „Исцелител“ на македонскиот режисер Ѓорче Ставрески, чија интернационална премера е во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Солун, а е и дел од натпреварувачката програма на еден од најпрестижните европски фестивали Tallinn Black Nights.

ОФИЦИЈАЛНАТА СЕЛЕКЦИЈА и програмата CINEBALKAN, традиционално ги препуштаме на изборот на Бернд Будер, кој и оваа година понуди извонредна селекција на филмови. По завршувањето на филмските проекции од овие две програмски целини, ќе следат Q&A сесии  на кои публиката ќе има можност да разговара со режисери, продуценти, директори на фотографија, актери, кои ќе бидат гости – на наша огромна чест – на овогодишното издание на фестивалот CINEDAYS – пракса, во која со години се обидуваме да ја доближиме филмската уметност поблиску до публиката.

Во рамките на ОФИЦИЈАЛНАТА СЕЛЕКЦИЈА ќе може да се погледнат филмовите:

  • Плоштад Америка– Режија: Yannis Sakaridis
  • Бодкин Рас – Режија: Kaweh Modiri
  • Срце од камен– Режија: Gudmundur Arnan Gudmundson
  • Свет воздух – Режија: Shady Srour
  • Надвор – Режија: Gyorgy Kristof
  • Родители – Режија: Christian Tafdurp
  • Tehran Taboo – Режија:  Ali Soozandeh
  • Горскиот принц – Режија: Kuba Czekaj

Во рамките на програмата CINEBALKAN се селектирани следните филмови:

  • Сина тишина – Режија: Bulent Ozturk
  • Зора – Режија: Gentian Koci
  • Трамполина – Режија: Katarina Zrinka Matijevic
  • Непожелен – Режија: Edon Rizvanolli
  • Ветер – Режија: Tamara Drakulic
  • Жаба – Режија: Elmir Jukic

Особено е важно да се истакне и заложбата на фестивалот, сериозно да придонесе кон развојот на европскиот филм во домашни и светски рамки, со што се одвојува специјален фонд за награди од 300.000 денари за Најдобриот филм во Официјалната селекција и 300.000 денари за Најдобриот филм во селекцијата СинеБалкан.

Секоја година, нудиме содржајна програма од МУЗИЧКИ ДОКУМЕНТАРНИ ФИЛМОВИ и неверојатна понуда на КОНЦЕРТИ, сѐ со цел фестивалскиот ден да се заокружи на најдостоинствен начин. Филмската селекција ја сочинуваат девет филмови, кои ќе ги задоволат и најпрефинетите вкусови на филмските, но и музичките сладокусци:

  • Бркајќи го Трејн: Документарец за Џон Колтрејн – режија: Jon Scheinfield
  • Еден куп уметност – режија: Christine Franz
  • Броење во есен – режија Marko Brecelj
  • Дени вели – режија: Brandon Toller
  • Плукни ѝ на вистината во очи – режија: Varja Mochnik
  • Штрак! Психодуховната мантра на рокот – режија: Barney Clay
  • Плукни и раздели – режија: Jerome Vandewattyn
  • Суперсоник – режија: Matt Whitecross
  • Забрањено пушење во Сараево – режија: Gianlucca Loffredo

Mузичката програма пак, се состои од 10 концерти во 10 фестивалски дена и тоа со настап на :  ChkChkChk (USA), Christa Bell (USA), Jagga Jazzist (NOR), Zola Jesus (USA), Evil Nine (UK), Drew McDowall (UK), Marko Brecelj (SLO), и многу други артисти, локални и интернационални.

Во соработка со Шведската амбасада во Скопје – воедно и во активистичкиот дух на фестивалот  – ќе реализираме и филмска програма, најновите остварувања од Шведската кинематографија, преку популарната програма ЗЕМЈА ВО ФОКУС.

ПРИДРУЖНАТА ПРОГРАМА, во која секоја година даваме максимални напори да донесеме експерти од филмската област, кои имаат за задача своите видувања, експертизи и познавања да ги пренесат кон студентите, но и заинтересираните домашни филмски професионалци, оваа година на CINEDAYS ќе содржи:

  • НАГРАДА ЗА НАЈДОБРА ФИЛМСКА КРИТИКА, со која ќе ги охрабриме студентите по новинарство, студентите по филм, и воопшто, сите критички настроени филмски ентузијасти да напишат рецензии за филмовите што ги проследиле на фестивалот, за што ќе следува и награда доделена од специјално жири.
  • РАБОТИЛНИЦА ЗА СКРИНИНГ ТЕХНИКИ НА СНИМАЊЕ АУДИЦИИ И ФИЛМОВИ; за време на трите дена во Скопје, светски познатата кастинг агентка Ненси Бишоп и нејзината соработничка Анила Гајевиќ од Зона Талент од БиХ, сите учесници ќе имаат можност да ги применат своите вештини за самостојно снимање за аудиции што претставува клучен дел од процесот на меѓународниот кастинг. Актерите ќе одберат од селекција на сцени и однапред ќе се снимаат самите. По тоа, ќе следат специјални вежби што кастинг агентките ги имаат развиено за усовршување на лични стратегии за аудиции, вклучувајќи и техники на „студено“ читање;
  • ПРОМЕНА НА ПЛАНОВИ ВО ЕДЕН КАДАР; КАКО ВИД НА МОНТАЖА од добро познатиот миленик на македонската публика, режисерот Мирослав Момчиловиќ, меѓу останатото познат и како режисерот на филмовите „Смрт на човек од Балканот“ и „Седум и пол“;
  • НАРАЦИЈА: КАКО МОЖЕМЕ ДА ИЗГРАДИМЕ ЦВРСТИ НАРАТИВИ ЗА ФИЛМОВИ од професорот Саваш Арслан од Универзитетот Bahcesehir од Истанбул, Турција, кое ќе се одржи на Факултетот за драмски уметности во Скопје;
  • ЈАС СНИМИВ ФИЛМ, НИКОГАШ НЕМА ДА ГО ВИДИТЕ ОСВЕН АКО…од италијанската режисерка и сценарист Клаудија Тоси, во соработка со EWA Eurpean Womans Audiovisial Network;

Жирито во Официјалната селекција, покрај турскиот режисер Семи Капланоглу, го сочинуваат и руската продуцентка и членка на Европската филмска академија и Националната академија и преседател на Kinoglaz, Евгенија Тирдатова како и младата грчка продуцентка Марина Драндаки, членка на EAVE, додека членови на жирито на селекцијата СИНЕБАЛКАН се Ник Џелилај, млад и наградуван актер од Албанија, новинарката и филмски критичар Павлина Желева, бугарски претставник во одборите на Eurimage и FIPRESCI, како и главен кореспондент за Film New Europe и актерот Велибор Топиќ, меѓународно познат актер од Босна, кој глуми во повеќе од 65 филмски остварувања, меѓу кои филмови на Гај Ричи, Том Хупер, Метју Вон, Ентони Мингела и три филма на Ридли Скот.

Новина е и програмата кратко наречена CINEDAYS +, во која истакнуваме филмови со специјални проекции – биографскиот филм за уметноста на Дејвид Линч, „Дејвид Линч: Животот на еден уметник“, кој со проекција ќе оди пред концертот на Криста Бел, неговата муза и актерка во серијата „Твин Пикс“, филмот „Фадо“, кој со специјална проекција ќе оди симултано на два фестивали – CINEDAYS и филмскиот фестивал во Тирана, рускиот филм „Хармс“ во кој учество зазема и македонскиот продуцент Сашо Павловски со гости од филмот, филмот „Насоки“ во режија на бугарскиот режисер Стефан Командарев, каде што исто така, учество зема и македонскиот продуцент Владимир Атанасов, документарниот филм за фудбалската легенда „Пеле: Раѓањето на една ѕвезда“ и филмот „Словенија, Австралија и утре целиот свет“, во режија на словенечкиот режисер Марко Набершник, каде што свое копродукциско учество има и македонскиот продуцент Роберт Насков.

Во рамките на Студентската програма, ќе бидат прикажани повеќе од 50 студентски филмови од регионалните филмски академии, каде што жирито составено од македонската актерка Наташа Петровиќ, режисерката Марија Апчевска и кураторот на меѓународниот фестивал на кратки филмови „2Annas“, Лајма Граждановича, ќе одлучат за најдобриот студентски филм и награда од симболични 30.000 денари.

И кога сите мислите и конечно оддишувате дека ова е крајот, 9-19 ноември (цели 11 дни),  CINEDAYS тимот кон сите вас е крајно безобѕирен, дрзок и безмилосен и веќе од 20 ноември, понеделник, до 29 ноември, ВНИМАНИЕ: ФИЛМСКИ МАРАТОН, 24 часа, ден и ноќ, без престан, 10 дни по ред, во нашето интимно, Џебно кино во МКЦ! Проекциите започнуваат во 9 изутрина, последната дневна проекција е во 3 часот по полноќ, а на секои 3 часа започнува проекција на филм. Секој ден претставува засебна тематска целина, а ќе бидат прикажани светски класици, најпознати филмски наслови, легендарни филмови битни за конкретниот жанр и тоа: вестерни, драми/романси, контроверзни, трилери, научно-фантастични филмови, еротски, уметнички (арт) филмови, акциони, хорори и комедии. Дел од проекциите во ударните термини ќе бидат проследени и со гости, за дебата по проекцијата на филмот, кои ќе бидат најавени дополнително.

Огромна благодарност кон кураторот на оваа филмска програма, прекрасниот Влатко Галевски.

Билетите за ГАЛА програмата се со популарна цена од 150 денари, сите останати проекции со цена од 100 денари, додека проекциите во рамките на Студентската програма, Програмата МК кратки филмови, Земја во фокус, Детската програма и Работилниците се со бесплатен влез.