Поставување гранични линии во фабриката на соништата

Лево? Десно? Право? Со наметнувањето домашен притвор за Кирил Сребреников, уште еден светски познат режисер беше приведен по кримско-украинскиот конфликт – Олег Сенцов беше осуден на 20 години затвор. Во Бејрут, воен трибунал го задржа Зијад Дуеири по неговото враќање од Венецискиот филмски фестивал. Зошто филмаџиите се под закана денес? Постои ли причина зошто нивните филмови да не патуваат низ светот? Во Украина, забрането е да се прикажуваат руски филмови во редовната кино-програма.

Зошто започнуваме токму со овие прашања? Горенаведените случаи не се директно поврзани со програмата на овогодишниот „Cinedays“. Но без оглед на тоа, мора да се посочи дека овие режисери не се познати по експлицитно политички филмови, туку по прецизни отсликувања на нивните општества. Можеби ова аналитичко потценување е поконтроверзно одошто отворените политички изјави. Аналитичко потценување, кое е карактеристично за европските филмови денес. Во конкуренција на овогодишниот „ Cinedays“ не постојат меурчиња и никакви површни гледишта од прв ред, туку херои и хероини, кои успеваат да преземат контрола врз проблемите во нивниот секојдневен живот по само неколку неуспешни обиди.

Странецот во малото гратче во Шкотска, за кој никој не знае од каде доаѓа, но кој почнува да се чувствува како дома таму на северот, сиромашниот Палестинец во Назарет, кој, со цел да си го издржи семејството, решава да се збогати со продажба на „Свет воздух“, родителите од Копенхаген, кои го надминуваат синдромот на празно гнездо со еден мошне неконвенционален лек за подмладување – луѓе со соништа, кои многу брзо можат да се претворат во кошмари.

Поставување гранични линии во индустријата на соништата: европскиот филм ја прикажува дихотомијата на вистинскиот живот без да навлегува во патос. Наместо тоа, има многу психологија и емпатија. Голем број прашања што бараат одговори: дали трауматизираниот турски таен агент, кој признава дека извршил убиство, е злосторник, но исто така и жртва? Постои ли начин младите генерации да ги заборават војните на нивните родители? Што ако отидете во туѓа земја и сфатите дека таму не ве чека работата од соништата?

Како и во реалноста, на филм нема јасни одговори. Ниту за пубертетска криза, ниту за домашен расизам. Ниту за заканувачката сабја со која замавнуваат авторитарните режими, ниту за разочарувачката тишина на село. Гледачот треба да набљудува, да одлучи сам за себе – додека во меѓувреме на екранот ќе се појават голем број волшебни пејзажи и контрадикторни протагонисти. Ликови што ни се чинат толку познати, бидејќи, на крајот на денот, сите ние секогаш сме принудени да се согласуваме самите со себе.

Ова е тоа што ја прави толку фасцинантна европската современа кинематографија: тие лични, емоционални дискурси помеѓу точно и погрешно, помеѓу лево и десно, а на крајот некако секогаш право: несигурни, симпатични ликови помеѓу нивните животи и идните визии, помеѓу обидот и грешката.