ЗА CINEDAYS

ЗА CINEDAYS

октомври 31, 2016
во Категорија: инфо
2200 0

cinedays

Фестивалот на европски филм CINEDAYS е основан во 2001 година, на иницијативата на познатиот шпански режисер Педро Алмодовар и почитуванaта политичарка Г-ѓа Вивиен Ридинг, во таа година актуелна како Комисионер за едукација, култура, спорт, млади и медиуми во Европскиот парламент. Нивната единствена идеја била во секој од поголемите европски главни градови да се воспостави недела на славење на европската кинематографија, наречена CINEDAYS. Оттогаш, единствено во Скопје CINEDAYS продолжува да постои и еволуира во филмски фестивал, кој го позиционира нашиот град како главно пристаниште за вистинските филмофили.

Во последните години од постоењето на фестивалот, но и со секое следно издание, CINEDAYS прави сè за да се надмине себеси, но притоа секогаш имајќи на ум еден и единствен идеен концепт, да ѝ ги овозможи на секогаш гладната публика, најдобрите и најнаградуваните филмови од европските фестивали во тековната година.

Концептот на фестивалската програма се состои од неколку главни програми:
Официјална програма, во која се прикажуваат дебитантски или втори филмски остварувања на млади и амбициозни режисери, за чии имиња допрва ќе се слуша. Во оваа селекција, авторите може да се здобијат со Награда за најдобар филм („Златна ѕвезда“), Награда за најдобра режија („Сребрена ѕвезда“) и Награда за најдобро сценарио („Сина ѕвезда“) доделени од меѓународно жири.
СинеБалкан програма, во која се прикажуваат исто така млади режисери со своите први или втори играни филмови, но фокусот е на автори од балканскиот регион. Филмовите во оваа програма се натпреваруваат за наградата Најдобар филм („Златно сонце“), исто така доделена од меѓународно жири.
ГАЛА програма (надвор од конкуренција), во која се прикажуваат најнаградуваните филмови од најголемите европски фестивали во тековната година, но и филмови од прочуени и европски режисери.
Покрај овие главни програми, CINEDAYS вклучува и програма посветена на музички документарни филмови, кратки филмови, филмови во специјалната програма наречена Земја во фокус, филмови за најмладите како и бројни работилници, предавања и дискусии посветени на темата филм.

CINEDAYS е славење, став, прониклива идеја за борба со реалноста, со филмови што критикуваат, но и ги обземаат нашите мисли. На ниту едно друго место во светот, во одреден момент, луѓето не се пообединети отколку во една кино сала, гледајќи и воздивнувајќи. Токму CINEDAYS ја имаа таа магија.