Првонаградениот текст на конкурсот за филмска критика

Првонаградениот текст на конкурсот за филмска критика

ноември 21, 2016
во Категорија: cinedays2016, Вести
2277 15
Првонаградениот текст на конкурсот за филмска критика

Прва награда за филмска критика – Крушкаровска Фросина

Галопирачки ум: Естетика и бизарност

Режија и сценарио: Вим Вандекејбус

Кинематографер: Габор Сабо

Фасцинантен и бизарен. „Галопирачки ум“ на Вим Вандекејбус ги надминува и ги урива очекувањата. Сурово ги разгазува сетилата и командува целосен фокус од публиката. Важно нешто што со сигурност може да се каже (предупреди) е дека овој филм дефинитивно не е за сите. Од оние што ќе решат да го гледаат, со сигурност добар дел ќе се откажат. За тоа ќе придонесе не само неговиот насилно вознемирувачки ефект, туку и притисокот на амбивалентноста. Приказната е околу судбинските разделби и судири на дванаесетгодишниците Раша (Жофија Реа) и Панчо.

Пред сè, филмот е збунувачка плетенка од насилни сцени. Фрагментарниот и атемпорален наратив оневозможува увидување каузални врски сè до длабоко во филмот. Глобално, приказната се состои од неколку фази, речиси засебни епизоди во целината, кои на крајот се обединуваат. Секоја од тие фази има своја точка на шокантна кулминација. По таквото извишување следува затишје, сè до наредното градење притисок. Две сцени се издвојуваат со врежување во меморијата по секоја основа. Прво, апсолутно генијалното наративно и кинематографско координирање при потегнувањето на врвката на настаните што водат до смртта на Лула (Орси Тот), мајката на Панчо – ова резултира во посебно возбудливо филмско искуство. Второ, моментот на „раѓање“ на коњите од пената на морските бранови, кој е воодушевувачки бајковен.

Камерата е многу динамична, користени се ред техники и остварена е прекрасна игра со перспективата за доловување на атмосферата и комуникација со публиката. Презентирана е одлична визуелна естетика, дотолку што, особено во првата половина од филмот, секој замрзнат кадар би можел да функционира како засебна уметничка целина – фотографија. Мноштвото инкорпорирани симболи уште повеќе ја натежнуваат херметичноста на приказната. Очигледна е доминацијата на водата како архетипски симбол на раѓањето и на смртта. Понатаму, мотивот на двојникот и двојството се остварува на две основни нивоа. Прво, тоа се ликовите двојници чии патишта постојано се вкрстуваат како по сила на опскурно привлекување. Потоа, двојните светови – оној на возрасните и оној на децата бескуќници, кои во решавачки моменти се судираат и колабираат еден во друг.

Загатнувачки интертекстуален аспект е структурата и функционирањето на бандата на децата бескуќници, кои по многу нешта се споредливи со бандата на „изгубените деца“ на Петар Пан. Зачудува колку целиот тој парасвет е конструиран преку овој тип атмосфера, логика и бизарни општествени правила. Овие, заедно со необјаснетите вкрстувања, не обезбедуваат убедливост за оној дел од публиката што сè уште очекува реалистично јасен и доверлив наратив.

Она што донекаде се наметнува како слабост е одредено забавување на динамиката на дејството во втората половина на филмот, поточно со раздолжувањето на настаните пред и по двобојот за превласт на момчињата од бандата. Прашање за дискусија е и нивото на кое филмот провоцира конфликт помеѓу естетиката и алармот за морал на гледачот, и тоа, свесно или несвесно, создава дел од нелагодноста и двоумењето.

Крајот на филмот не обезбедува рационално објаснување за неверојатната низа од настани, освен, можеби, впечатокот дека се придвижувани од некаков натприроден механизам на злото. Самото разрешување останува благо бизарно бидејќи продолжува да тлее чувството на некомпатибилност на елементите и на ликовите. Исто како и мноштвото контрадикторни впечатоци и прашања, кои и по затворањето ќе го дразнат гледачот.