Кристи Пуиу за „Нова Македонија“

Кристи Пуиу за „Нова Македонија“

ноември 17, 2016
во Категорија: cinedays2016, Вести
1948 13
Кристи Пуиу за „Нова Македонија“

Отпорот спрема моите филмови го доживувам како комплимент

Кога зборуваме за романскиот нов бран секогаш зборуваме во множина, за мнозинство луѓе што како да работат заедно. Дури и германската режисерка Марен Аде, номинирана за годинашниот европски оскар со филмот „Тони Ердман“, направи еден вид посвета на романскиот филм. Од таа група се издвојува Кристи Пуиу, чиј филм „Сиераневада“ оваа година имавме можност да го гледаме на фестивалот на европски филмови „Синедејс“. Во овој филмски проект и Македонија учествува со малцински финансиски удел, покрај Романија, Франција, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Копродуцент од Македонија е Лабина Митевска од продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“, кои обезбедија рекламни објави за филмот во специјализираните филмски списанија „Варајети“ и „Скрин интернешнал“. Пуиу постигнува успех со сите свои филмови почнувајќи од „Смртта на господин Лазареску“ преку „Аурора“ до најновиот „Сиераневада“.
Пуиу деновиве беше во Скопје за премиерата на филмот на „Синедејс“, но остана само 24 часа. Допатува директно од Солунскиот филмски фестивал, а оттука замина за Загреб. Заморот за неговото лице беше видлив, што е и разбирливо, ако се знае неговиот став од летањето: „Во авион единствено би влегол да морам да одам да пронајдам некој лек на другиот крај на светот“.

Студиравте филм во Женева, каде што поминавте неколку години. Како беше да се вратите дома и да почнете сѐ од почеток на романската филмска сцена?
- Најкраткиот одговор е дека беше многу лошо. „Што мислиш, кој си?, Студираше во Швајцарија, па што?, Тие не ни имаат развиена кинематографија. Швајцарците прават само чоколади, сирења и имаат банки…“ Тоа беше нивната перцепција. Се чувствував како господин К. во дворецот на Кафка. Но сепак имав среќа, не се жалам.
Околу мене имаше луѓе што ми помогнаа. Познатиот романски режисер Лучиан Пинтилие го прочита сценариото за мојот прв филм и останавме во контакт. Тој многу го цени мојот труд. А кога сте млади, кога на самите почетоци ќе слушнете пофалби од таков професионалец, чиј труд го цените, тоа е голема работа.

Речиси сите ваши филмови траат по три часа. Имајќи ја на ум денешната публика и брзиот начин на живот, човек едвај може да изгледа филм од час и половина. Од друга страна, повеќепати е кажано дека вашите филмови не се гледаат во кое било време од денот и дека не се прифатливи за каква било состојба на умот…
- Денешната публика има трпение да изгледа филм до 10 минути што ќе го најде на Јутјуб, а моите филмови може да се перципираат како руската литературата од 19 век. Мислам дека проблемот е во публиката, како што би кажал Хичкок, кој често го цитирам, дека публиката честопати е поинтелигентна од режисерите и дека таа забележува кога филмот ни кажува нешто што не сме подготвени да го дигестираме, односно не сакаме. Моите филмови имаат приказна, карактери со кои лесно можеме да се идентификуваме, но супстанцијата на филмот не е лесна. Ако изгледате еден филм три-четири пати, секојпат ќе најдете нешто ново, бидејќи филмовите се повеќеслојни. Публиката го знае тоа, но не сака да се соочи затоа што ќе се сретне со сериозни животни прашања. Само група лудаци сакаат повторно и повторно да гледаат филмови како што се „Сиераневада“, „Лазареску“, „Аурора“. Преостанатите сакаат само да се заштитат себеси, не сакаат да дојдат во контакт со вакви приказни. Јас знам дека луѓето се интелигентни и тоа што имаат отпор спрема моите филмови го доживувам како комплимент. И знам дека знаат дека јас го знам тоа.

Зошто избегнувате да користите музика во вашите филмови? Во „Аурора“ има неколку кратки музички нумери, една во сцената кога деца танцуваат на хит од 1990-тите, која веројатно е иронично инсертирана…
- Изборот на музика во филмот е многу скап, во „Сиераневада“ ме чинеше 19.000 евра или можеби уште повеќе. Но главната причина е што музиката помага да се упати пораката до публиката, па ако сакате да ја разнежните публиката користите таква музика, а тоа е лага. Како што кажав, публиката е доволно интелигентна и без музика да ја прими пораката. Во американските филмови имате цело време музика. Доаѓа од никаде, од Марс. Сепак, има музика во моите филмови, но како заднински шум. Како автор треба да го изоставиш секој вид манипулација на публиката.

Кој дел од создавањето филм ви е омилен?
- Хм… Ако морам да одберам само еден момент, тоа е снимањето, но го сакам и процесот на пишување сценарио во кој се чувствувам одлично. Има многу убави моменти и во процесот на монтирање на сликата и тонот. Го сакам всушност целиот процес. Филмот го има она нешто… жив е. Ги сакам и луѓето со кои работам. Многу е тешко да најдеш екипа, тешко да најдеш жена, а не па филмски соработник. Но мислам дека имам среќа што најдов директор на фотографија со кој мислам дека ќе работам до крајот на мојот живот.

Некои режисери сметаат дека процесот на создавање филм е ист како и процесот на растење деца. Имате три деца, па најдобро можете да ни кажете дали тоа е вистина?
- Не, тоа се апсолутни глупости. Тој што го кажал ова сигурно нема деца. Или, пак, ништо не разбира. Најбитна задача на човек е да има деца, сѐ преостанато, како правењето филмови, печењето леб, работењето како директор или учител, тоа се само работи што ни го олеснуваат животот, нешто со што придонесуваме за општеството и заедницата. А децата се сѐ.

Предававте на драмскиот факултет. Со што ги охрабрувавте вашите студенти да не се откажуваат од оваа професија?
- Што би им кажал… Хм… Никогаш не се запрашав ова. Можеби следното – не можете да ја избегнете болката на страдањето, соочете се со неа бидејќи животот е прекраток, а вие сте тука да ја кажете вистината.

Знам дека сликате. Колку има влијание сликарството врз вашите филмови?
- Не, не сликам многу. Одвреме-навреме, ништо сериозно. Последен пат сум насликал нешто пред 16 години. Но неодамна пронајдов едно место, го претворив во студио и подготвувам фотоизложба. Направив околу 5.000 фотографии за плакатот на „Сиераневада“. Ќе одберам педесетина и ќе направам изложба. А ќе му се вратам на цртањето штом се вратам дома. Уште од раните денови го имав Микеланџело како пример, многу мегаломански од моја страна. Има многу сликари што ги сакам, но би го издвоил Џорџо Моранди. Пред десетина години во Виена видов неколку слики од Веласкез, ми застана здивот. Тој е еден од моите омилени сликари. Во Романија ретко имаме можност да видиме дела на големи автори, така што кога патувам не ја пропуштам таквата шанса. Ако нема некоја катаклизма, економска катастрофа или нешто слично, ќе почнам да цртам секојдневно.

* – Интервјуто е на Ана Опачиќ;
- Текстот е преземен од www.novamakedonija.com.mk